Робови на гревот!?
Некои луѓе имаат тешкотија за да го препознаат гревот, па кога доаѓаат на исповед не знаат што да исповедат. Други се трудат да докажат дека се добри, па се оправдуваат дека не се големи грешници, дека никого не убиле или украле. Некои воопшто не доаѓаат на исповед бидејќи како што велат, не грешат. Има верници кои во сè гледаат грев, а од друга страна, има луѓе кои го изгубиле секое чувство за грешен чин. Заради тоа поставуваме прашање: Постои ли гревот?
Што е грев? Како треба да се однесуваме кон гревот? (…)
Како слика за гревот го земаме цветот. „Чесна сестра во својата старост имала полна соба цвеќе. Зборувала: „Цел живот сакав и одгледував цвеќе и ги украсував црквите. Од цвеќето може многу да се научи за животот. На пример, кога цвеќето вене, треба да се бара причината зошто овенува. Често на жилите се населува црв и ја цица храната. И колку што цвеќето повеќе се залева и храни, тоа е подобро за црвот. Треба прво да се отстрани црвот, а потоа цвеќето ќе расте… Така е и во животот треба да се отстрани црвот кој го спречува човековиот раст.“
Да го откриеме црвот и крадецот
Гревот е реалност во нашиот живот, а не измислица на Црквата, како што некои тврдеа во комунизмот. Како што знаеме дека лекарите не ја измислуваат болеста, туку ја откриват заради здравје на луѓето, така ниту Црквата не го измислува гревот (болеста на душата) туку го открива и му помага на човекот да оздрави. Интересен е и чуден нашиот однос кон телото од една и душата од друга страна, односно против предизвикувачите на уништување на телото и кон предизвикувачите на уништување на душата. На пример, кога ќе го откриеме црвот во цвеќето, радосни сме, бидејќи сме откриле зошто цвеќето овенува и што ќе му помогне повторно да цвета. Слично на тоа е кога ја чистиме куќата нема да го изгаснеме, туку ќе го вклучиме светлото за подобро да видиме дали има прашина и каде. Никој од нас нема да каже, во мојата куќа нема прашина, туку: во мојата куќа има прашина, но ќе се потрудиме да ја пронајдеме и избришеме.
Пред да излезам надвор пред луѓето или пред гостите да влезат во мојата куќа уште еднаш се погледнувам во огледалото и ја откривам нечистотијата на лицето, и сум радосен и среќен што ја открив нечистотијата, па воздивнувам: Фала му на Бог што тоа го видов пред другите да ме видат! Зар не треба исто да се однесуваме и кон гревот? Зар не треба да го запалеме светлото, односно да застанеме пред Оној Кој е Светлина, за подобро да се видиме себе си? Зар не треба да бидеме радосни и среќни кога ќе го препознаеме и откриеме гревот, нечистотијата? Сме го откриле црвот кој предизвикува раздор, уништување, крадецот на нашиот мир и добрите меѓучовечки односи! Не, ние често се однесуваме потполно поинаку. Ние гревот не го откриваме, туку го прекриваме, го туркаме под тепих, се оправдуваме како Адам и Ева, ја префрламе вината на другиот.
Воопшто не сакаме да бидеме слепи за црвот во цвеќето, за плевелот во полето, за прашината во куќата или за нечистотијата на лицето, а често сме слепи за црвите, плевелите, за прашината и нечистотијата во својата душа. Забораваме дека Исус лесно простува гревови на грешниците, како на пример, на оној цариникот во храмот, а бил немоќен пред слепците како фарисеите во храмот.
Ги забораваме Исусовите зборови од крстот: „Оче, прости им не знаат што прават.“ Да, не знаат, а всушност многу знаат (Јуда, фарисеите, книжниците, првосвештениците, Пилат…) Имат очи, а слепи се за доброто и за злото. Не го гледат доброто во Исус, и не го гледат злото во себе, злото кое ги заробило и заслепило. Слепи се за вистината: уверени се дека прават добро, а всушност станале слуги, робови на злото кое со нивни раце заковува клинци во Исусовите раце.
„Ситници“ и нејзините последици
Колку е интересен и чуден нашиот однос кон раните на телото и раните на душата! Кога малку подлабоко ќе се пресечеме веднаш одиме на лекар и му ја покажуваме раната. Всушност, не одиме, туку брзаме кон амбулантата и сме нервозни ако треба да почекаме, му кажуваме на лекарот: „Еве ја раната! Ве молам завиткајте ја за да не крвави повеќе!“ Никој нема да му каже: „Не, јас сум добар човек, јас немам рана!“ Никој од нас нема да му каже на ножот: „Ти си крив, ти ме пресече, ти ме повреди! Со тебе повеќе нема да разговарам…“ Не, ние го забораваме ножот, а се свртуваме на раната. Ако почувствуваме проблеми во градите, во внатрешноста, бараме од лекарот сè да направи за да ја пронајде причината, жариштето, па се подложуваме на разни испитувања, снимања (рендген), само за да ја откриеме причината и изворот на болката.
Меѓутоа, поинаку се однесуваме кон душата, а душата е многу почувствителна од телото. Кога некој ќе нè повреди (со зборови, неправда…), ја забораваме раната, а се занимаваме исклучиво со оној кој нè ранил. Сето тоа остава траги во нас, па сме несреќни, незадоволни, немирни, а нашите односи се разнишани и срушени. Не сме свесни на раната која ја носиме во душата со денови, месеци и години, а кога ќе дојдеме на исповед се правдаме дека немаме гревови, дека сме добри, дека не сме големи грешници… Не треба од трн да правиш планина, но исто така не треба да мислиме дека од ситницата не може да настанат големи проблеми. Црвот може да биде мал, но сериозно да и наштети на билката. Нечистотијата на нашето лице може да биде незначителна, но и таа е во состојба да и наштети на нашиот изглед ако другите ја видат. Недостатокот на малку вода може да биде катастрофално за животот на човекот во пустината…
Што ситницата може да значи за нашите односи и какви големи последици може да има ни појаснува следната ситуација: „Кога некој (пријател, познат) покрај нас помине, а ништо нема да ни каже и нема да нè поздрави, остануваме навредени или понижени и презрени, иако друг човек може да ни каже: Не сум те навредил ниту со еден збор! (Фра Славко Барбариќ). Ниту еден збор не изустил (ситница, каде е тука гревот?), а токму тоа може да биде тој црв кој така го нагризува нашето пријателство за да се сруши! Сега знаеме што е гревот: не сме повеќе пријатели, нема повеќе разговор меѓу нас! А Божјата волја е меѓу нас да има пријателство, да цветаме.
Одиме во пресрет на постот, време од четириесет дена кое сака да нè изведе од нашиот „Египет“, од нашето ропство, во ветената земја, во слобода. Тие четириесет дена тоа е семинар, тоа се духовни вежби. Тоа е можност преку молитва и пост да го вежбаме духот и телото; да вежбаме да практикуваме искри на добрина и љубов во пепелта на своето срце; собраност во молитвата и светата Литургија; внимателност и потопување во читањето на Словото Божјо; да вежбаме благодарност кое го откриваме во она покрај кое често поминуваме слепи: своите очи кои ни дават да видиме; уши кои ни овозможуват да слушнеме; оној убав цвет во дворот и во ливадата; овој свет и целата вселена како „хотел со илјадници ѕвезди“; добрата особина на мажот, сопругата, соседот… Една од вежбите секако нека биде отворањето на очите за гревот. А кога ќе го препознаеме и откриеме, кој ќе биде порадосен од нас… (…)
Маринко Шакота/Д.И.