Лазарева сабота

Евангелистот Иван нè известува за смртта на Исусовиот голем пријател Лазар, чие име во превод значи Бог помага. Тој човек со своите сестри Марта и Марија многу пати му биле домаќини и Му овозможувале да се одмори и опушти по исцрпувачкото пешачење и јавните настапи. Изгледало дека Исус и не се потрудил да побрза за да го затече жив, туку намерно задоцнил. Можеби таа смрт и не е голема трагедија кога ќе помислиме на толку детски животи убиени во абортус, од глад, во војни и бунтови, на толку невино настрадани од најразлични насилнички мечеви, кога ќе помислиме на толку горки солзи на сираци, вдовици и растажени мајки. Длабоко е дното на човечките страдања и голем е океанот на човечките солзи низ генерации во историјата до ден денешен.

Исус на некој начин дозволил Лазар да умре и во длабока тага да плаче. Таков е Бог над човечкото страдање. Зарем не е разумно злото да се спречи, отколку да се лекува? Зошто Бог дозволува страдање, трпење и смрт? Тие се вечни прашања за секој човек од почетокот до денес. Тоа е тајната на нашата вера и човечкото живеење кое во овој живот до крај нема да можеме да го сфатиме.

Исус го враќа Лазар во живот што за сите било необична радост и настан. И во нашиот животен пат имало и ќе има многу тешки моменти, смртни опасности и ситуации кои ни изгледале погубни и безизлезни. И оддеднаш сè се менува на подобро, ја доживеваме Божјата провидност. Ни се случило нешто прекрасно кога на тоа најмалку сме се надевале. Здравјето ни се врати, престана војната во нас или околу нас, болеста заминала. Сме воскреснале како Лазар и оживеале како суви и безживотни коски. (…)

Денешниот современ свет во кој живееме, на медиумите на кои сме изложени не само што не зборува за болните, слабите, непродуктивните и старите, реалноста и вистината за човечкиот живот, туку ги сокрива. Напротив како вечен идеал и животен копнеж особено во рекламите ни се истакнува уживањето, силата, убавината, младоста. Во неосовршениот и минлив свет и покрај техничкиот напредок тоа е еден вид на крик за вечното, неминливото и бесмртното. (…)

Затоа својот живот и младоста да ги насочиме кон Бог со доверба во Исусовото водство дури и по нерамни патеки во својот живот затоа што: Бог пишува и по искривените линии на нашиот живот затоа откако Исус умре на крстот не постои ниту еден крст без Исус. И тоа посебно за нас кои се нарекуваме христијани и го признаваме Христос за свој, друг пат и нема! Затоа млад христијане и христијанко од Исус Христа немој да се срамиш да сведочиш дека си негов/а, покажувајќи го тоа со однесувањето пред колегите, во училиште, на улица таму каде што си затоа како што ни вети Исус: Кој се срами од мене пред луѓето и јас ќе се срамам од него пред својот небесен Отец!

Фра Мте Тадиќ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот