Разумот е дар на Светиот Дух кој ни ја открива верата
На Генералната аудиенција во среда 30 април 2014 на плоштадот Свети Петар Светиот Отец продолжи да говори за даровите на Светиот Дух. По дарот мудрост на денешната катехеза Папата говореше за дарот разум.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Откако ја анализиравме мудроста, како прва од седумте дарови на Светиот Дух, денес сакам да го свртам вниманието на вториот дар – разум. Не станува збор за човечка интелигенција, интелектуална способност со која може да сме повеќе или помалку надарени. Станува збор за милост која само Светиот Дух може да ја излие и која го оспособува христијанинот да се издигне над надворешното гледање на реалноста и да проникне во длабочината на Божјите мисли и неговиот план за спасение.
Апостол Павле, обраќајќи се на заедницата во Коринт, добро ги опишува ефектите на тој дар, т.е. што прави во нас дарот на разум. Павле го вели следното: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат. А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух“ (1Кор 2,9-10). Тоа очигледно не значи дека христијанинот може сѐ да разбира или до крај да го познава Божјот план: сето тоа јасно ќе се согледа кога ќе се најдеме пред Божјото лице и кога навистина ќе бидеме едно со Него. Сепак, како што самиот збор кажува, разумот овозможува “intus legere“, „да читаш одвнатре“: тој дар ни помага да ги сфатиме работите на начин на кој ги сфаќа Бог, со Божји ум. Бидејќи некој може да сфати една човечка ситуација со помош на човечкиот разум, со разбирање. Но, да сфатиш некоја ситуација длабоко, како што ја сфаќа Бог, е ефикасност на тој дар. А Исус сакал да го испрати Светиот Дух затоа за да го имаме тој дар, да можеме сите да ги сфаќаме работите како што Бог ги сфаќа, со Божји ум. Прекрасен е тој дар што Бог ни го дава. Тој е дар со кој Светио Дух нѐ воведува во блискост со Бог и нѐ прави учесници во планот на љубовта кој го има со нас.
Јасно е дека дарот на разум е тесно поврзан со верата. Кога Светиот Дух престојува во нашето срце и го просветлува нашиот ум, ни дава од ден на ден да напредуваме во сфаќањето на она што Господ го кажа и направи. Самиот Исус кажа на своите ученици: ќе ви го испратам Светиот Дух и Он ќе ви даде да сфатите сѐ она што ви направив. Да го сфатиме Исусовото учење, да ги сфатиме Неговите зборови, да го сфатиме Евангелието, да го сфатиме Божјото Слово. Некој може да го чита Евангелието и ништо од тоа да не сфати, но ако ние го читаме Евангелието со тој дар на Светиот Дух можеме да ја сфатиме длабочината на Божјото Слово. И тоа е голем дар, голем дар за кој сите мораме да молиме и тоа заедно: Дај ни го Господи, дарот на разум!
Има една епизода од Евангелието по Лука која многу добро ја изразува длабочината и силата на тој дар. Откако ја сведочеле Исусовата смрт на крстот и Неговото погребение, двајца Негови ученици, разочарани и депресивни го напуштат Ерусалим и се враќаат во своето село кое се вика Емаус. На патот им се придружува воскреснатиот Исус и почнува да разговара со нив, но нивните очи се прикриени со тага и очај, не се во состојба да Го препознаат. Исус патува со нив, но тие се толку нажалени, толку очајни што не го препознаваат. Кога Господ им ги толкува Писмата за да им помогне да сфатат дека мораше да страда и да умре за после тоа да воскресне, нивниот ум се отвора и во нивното срце повторно се буди надеж (Лк 24, 13-27). И тоа е она што Светиот Дух го прави со нас: ни го отвора срцето, го отвора за подобро да ги сфатиме Божјите работи, човечките работи, ситуациите, сѐ. Дарот на разум е важен за нашиот христијански живот. Да го молиме Господ на сите да ни го даде тој дар за да ги сфатиме работите кои се случуваат на начин на кој Он ги сфаќа и пред сѐ да го сфатиме Божјото Слово во Евангелието. Благодарам!
РВ/Д.И.
1692