Матеј 25,14-30
Параболата за талантите која што ја слушнавме во денешново евангелие според Матеј е уште една од низата параболи или приказни во која Исус ја покажува способноста да го прати човечкиот овоземен живот и така нам да ни даде пример за духовниот живот и за она што навистина ни е потребно нам, во секојдневието како христијани.
Така во денешново евангелие сме сведоци на еден господар кој тргнува на пат, па така, на своите слуги им го става на располагање целиот свој имот, секако секому му остава по неговите можности. По толку колку што самиот господар мисли дека одреден слуга заслужува или е способен да се носи со тоа. Со таквиот потег, господарот им прави услуга на слугите, бидејќи им дава на располагање одредени средства со кои можат на многу поволен начин да го подигнат нивото на нивниот сопствен живот, што би рекле ние со денешни современи термини: Им дава поволен кредит! Денес сите слуги добиваат поволен кредит од својот господар, без камата или со многу мала камата. Сега слугите ќе можат да работат со доделениот кредит и ќе можат да си ја проектираат својата и иднината на своето семејство. И навистина, двајца од слугите ја искористуваат шансата, па според сопствените можности и способности кои им ги пружа талантот, капиталот, успеваат да остварат добивка. Последниот пак, слуга, не сакајќи да ризикува, и плашејќи се од неуспех, одлучува да ги закопа парите и да не ги употреби.
Исус гледа кои се и какви се последиците, знае дека последиците на стравот и бегањето од вложување во било што се погубни. Кој се плаши од вложување, впрочем и не го разбира законот на пазарот, подобро да не се впушта во таква игра, туку веднаш, уште додека има време да се повлече. Да престане со таа игра бидејќи во неа се случува беспоштедна борба која покасно завршува така што поголемиот го јаде помалиот или послабиот, и се случува она што самиот господар во денешнава парабола го изјавува: „Земете го од него едниот талант и дадете му го на оној што има десет.“ Навистина, на оној што има ќе му се придодаде уште, да има во изобилие, а од оној што нема ќе се одземе и тоа што го има. Така, бескорисниот слуга ќе биде исфрлен надвор, во темнината каде ќе биде плач и крцкање со заби.
Како што гледаме, ставот на Господарот од параболата е немилосрден. Тој не му простува на бескорисниот слуга, кого уште го нарекува зол и мрзелив. Меѓутоа, на нас останува дилемата да се запрашаме дали овој Господар не е премногу строг и немилосрден и зошто Исус застанува на негова страна, осудувајќи го овој слуга? Не требаше ли да се сожали на него, бидејќи е најслаб, не требаше ли да има разбирање за неговиот страв од вложувања и од беспоштедната конкуренција од која и самиот се имаше преплашено? Не требаше ли, Исусовото однесување да биде поразлично од она световното, кое се води од споменатиот став дека на оној што има ќе му се додаде уште повеќе, а на оној што нема ќе му се одземе и она што го има? А навикнати сме Исус секогаш да е на страната на слабите и загрозените, во овој случај, тоа е последниот слуга со еден талант. Тој, последниот слуга, добива најмалку, а и е најнеснаодлив, така е изложен на најголема пропаст, и на крајот, на немилосрдниот заклучок од приказната кој му предвидува пропаст.
Како одговор на овој проблем можеме да кажеме дека Исус не прави ништо друго, туку само ја набљудува законитоста на животот или животниот закон кој е непоколеблив. Со тоа што тој не мисли на овоземните добра, ниту би уживал некој да доживее инвестициски крах, инвестициска пропаст и губење на сопствените добра, иако и тоа не е реткост, тоа е нешто што многу често денес се случува во нашето општество, кое живее во склад со логиката на конкуренцијата. Исус, напротив, се служи со оваа приказна за да обрне внимание на вечните, на небеските добра или богатства, кои ние луѓето многу често ги забораваме, а тоа е како да ги закопуваме како последниот слуга својот талант. Поединецот, општеството и народот што не гледа повеќе, ниту подалеку од оваа овоземна стварност не се како двајцата слуги кои ги користат своите таланти и стекнуваат други богатства, туку се поистоветуваат со последниот слуга, кој се плаши да го употреби последниот талант. Општеството во кое денес живееме е општество кое е преплашено од она што го очекува ако го употреби својот духовен потенцијал, а тоа се талантите на Господарот. Радо, сето тоа го закопува, мислејќи дека така ќе биде поедноставно, па неговата одговорност ќе биде помала во понатамошниот тек на развивањето на било која животна ситуација. Општеството во кое живееме е општество кое смета само на земните можности и способности, па така, го одбива Божјото вложување во светот, вложување со кое Тој преку нас сака да создаде подобар и посигурен свет. Затоа, денешниот човек, а и ние како христијани, одлучуваме порадо да го закопаме сопственото духовно богатство, отколку да го употребиме со цел да ја пробразиме земјата, а и нашиот сопствен живот.
Затоа гледаме денес и кај поединецот страв од доверба во Бога и страв од доследност на неговото слово. Порадо се задржуваме на тоа да задоволиме или направиме некои религиозни форми на христијански живот, отколку да направиме чекор напред во личната вера и одговорност пред Божјето слово и вредностите кои произлегуваат од истото тоа Слово. Редовно, ние луѓето, си зацртуваме одредена форма на живот која сакаме да ја живееме, па така, често стануваме и свесни дека целосната верност или доверба во Бога би не одвела по друг пат и од нас би барала нешто да промениме. Но, токму затоа и го сокриваме доверениот ни талант и го отфрламе секој поттик од Светиот Дух, одејќи тврдоглаво по својот зацртан пат.
Чувствуваме страв од отвореност за и кон животот и кон вреднување на христијанскиот живот како талент којшто Бог ни го доверува за да не збогати, затоа и во наше време се случува, најчесто, да не постои или да не можеме за забележиме разлика меѓу верник и неверник. Нешто што не е дозволиво. И ние станавме убедени од манипулациите на моќниците на овој свет дека животот нè загрозува. Од таквата манипулација и денес во нашата татковина ги гледаме резултатите: земјата ни е испразнета и раселена, семејствата се уништени и се без перспектива, а над нас виси мечот на притисокот на оние што доаѓаат отстрана, плашејќи не постојано. Ако е исправен наметнатиот современ потрошувачки менталитет, зошто тогаш сме сведоци на такви резултати и зошто толку несигурност и страв пред животот? Нели со современата потрошувачка логика ќе имавме помирен, поспокоен, подобар свет? Каде е мирот, каде е слогата? Изгледа однесувајќи се како последниот слуга навистина затаивме како луѓе, затаивме како општество.
Затоа оваа парабола претставува за нас, не само како луѓе туку и како верници, можност да се преиспитаме и да ги откриеме повторно духовните таленти кои нашиот Небесен Отец ни ги довери како благослов и дар, а не како искушение за пропаст. Да бидеме храбри и да се отвориме пред Неговите поттици за да, веќе сега, овде на земјата, уживаме во изобилството на неговата помош и заштита. На Бог не му е цел да ни одземе нешто, туку да ни помогне да ги поседуваме нештата на вистински начин, да го користиме дадениот кредит на вистински начин, на вистински инвестиции. Да не се плашиме од неговите раце да го примиме милосниот талент, бидејќи со неговото доследно и вешто користење на земјата ќе стекнеме на крајот изобилство на живот вечен на небесата.
о. Ванчо Назов