Радоста на исчекувањето

Радоста на исчекувањето

Божиќниот пост нè потсетува на доаѓањето на Исус Христос во светот, во кој живееме, а Црквата за тоа зборува на три начини. Најпрво со извештаите од Евангелијата нè враќа во времето на Исусовото раѓање во Витлеем, пред нешто повеќе од 2000 години, во времето на владеењето на царот Август. Потоа нè потсетува дека Христос и овој Божиќ треба најпрво да се роди во нашето срце и душа и дека можеме да го даруваме на другите, а потоа нè поттикнува да бидеме како мудрите девици подготвени за неговото славно доаѓање на крајот на времето. Времето на Божиќниот пост нè поттикнува свесно да се упатиме во радоста на исчекувањето на раѓањето на Бог.

Божиќниот пост нè повикува за Божиќ да се подготвиме со душата и срцето, одвојувајќи се постепено од секојдневието. Притоа е потребно да направиме одреден напор и жртва за да се подготвиме за Христовото доаѓање. Можеби тоа ќе биде: одење на утрински свети Литургии, пост за време на целиот Божиќен пост или заедничка семејна молитва. Некои ќе се одлучат за некое добро дело и купување на подароци за да ги израдуваат сиромашните, старите луѓе и болните. Некој можеби ќе напише честитка и ќе му ја испрати на стариот пријател со кој одамна не се слушнал. За некои тоа време на подготовка ќе биде бескрајно исчекување или одење низ сопствена осаменост и немирите. Затоа дозволи твојата пустина да стане место за средба на тебе и Бог, местото на твоето откупување.

Божиќ помеѓу тајната на овоплотувањето и телевизиските приказни

Овие празнични денови ќе слушаме како Божиќ е празник на мирот, радоста и велелбата. Кај многумина ќе се пробуди желбата за детството, семејна благосостојба и заедништво. Некои ќе сонуваат Божиќ да им биде како приказната која се нуди на телевизија: „Си било еднаш едно старо среќно семејство. Живееле во куќа со огниште и мноштво разнобојни украси и запалени сијалички. Имале еден седокос дедо во црвена облека.“ Спротивно на тоа ако сè остане само на идиличната приказна, доколку изостане духовната димензија, и нашата божиќна радост може да исчезне после отворањето на подароците, празничниот ручек и не доаѓањето на дедото со бела брада.

Бог во потрага по засолниште

Божиќ ќе се слави во целиот свет. Ќе биде свечено во голем број семејства, а посебно кај оние кај кои по тој повод ќе се собераат од сите страни на светот. Сигурно ќе биде распеано и во голем број парохиски заедници, градски и селски средини. Радоста нема да недостасува ниту во сѐ побројните домови за стари лица, центрите за напуштени и оставени деца, затворските ќелии, болниците.

Некои овие празнични денови ќе се обидат да ја исполнат празнината која се создала заради изненадната смрт на родителот, сопружникот или детето. Ќе им биде сигурно тешко, но во таквата реалност ќе се обиде да се всели и за овој Божиќ, едно назаретско семејство кое ќе биде на пат во потрга на засолниште. Тие ќе бараат само едно празно легло, ќоше во собата или покриена штала. Бидејќи се со скромна имотна состојба, за возврат нема да имаат никаков подарок освен ако бидеме подготвени да им понудиме сè што имаме – целата своја беда и благосостојба. Токму тука на овој Божиќ би можел да се роди Исус Христос и да донесе благодат и сила.

Бог Кој стрпливо чека

Заради долготрајните подготовки и предвреме украсените градови и домови, многумина заборавиле што значи да се исчекува Божиќ. Среде тие забрзани подготовки, утринските свети Литургии се точката на одморање која упатува на исчекување на светлината која го расветлува секој мрак. Да чекаш некој значи да копнееш да се сретнеш и да се надеваш дека наскоро ќе пристигне. За време на Божиќниот пост не го чекаме само ние Бог, туку и Тој нè чека нас да се отвориме за животот и љубовта и да ја препознаеме радоста која раѓањето на секое дете ја внесува во едно семејство.

Божиќниот пост сака повторно да нè потсети дека ни е потребна мала тишина, сопствениот мир и време во кое ќе застанеме. Потребна ни е тишината за да го запазите Божјото доаѓање на земјата, за да го слушнеме кога ќе тропне на вратата на нашето срце. Не заборавајте да ја искористите можноста за да се сретнете со самите себе во божиќната исповед. Бидете претпазливи и кон оние кои не можат да одат заради старост, болест или се приковани за креветот. Повикајте свештеник за да ги исповеда и да ги подготви за средбата со Христос.

Доколку ви недостасува доверба дека Бог може да се роди во човечката несовршеност и недостојност, присетете се само на извештајот од Евангелието според Лука и Матеј кој зборува дека Исус се родил во штала. Бог сака да се роди во нашето срце без оглед на раните кои ги носиме и на гревовите кои сме ги направиле. Тој сака и овој Божиќ да нè изненади, затоа што Царството Божјо секогаш изненадува. На Божиќ ни се пружи прилика да започнеме од почеток. Тој е дар кој не може да се купи, иако за време на Божиќниот пост многумина сакаат да ни го продадат. Единствено можеме да го добиеме преку милоста на Светиот Дух која е во нас, во нашите ближни и во дарот на Божјата љубов, која се удостои да се роди од Марија Девица.

Дали некогаш си размислувал што се случува на Бадник? Дали сакаш после бадниковата вечера со пастирите да тргнеш по трагата на ѕвездата? Дали сакаш да бидеш подготвен за средбата со малиот Исус? (…)

Фра Звонко Бенковиќ/Гласник мира/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот