Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Стојаково на празникот Свети Климент

 На 8 декември, патрониот празник Свети Климент Охридски во Стојаково во филијалната црква се служеше света Архиерејска Литургија, која ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов. По тој повод тој одржа и пригодна проповед, која ја во понатамошниот текст ја пренесуваме во целост.

 *****************************************************

Драги браќа и сестри – Во евангелијата често среќаваме многу извештаи за Исус, среќаваме и Негов говор за Него самиот. Кога зборува за себе најчесто зборува сликовито. Исус за себе само еден пат рекол дека е Божји Син, додека Син човечки се нарекува повеќе пати. Исус зема слики кои многу често се блиски до неговите слушатели. Негова најомилена слика со која се претставува е Добриот Пастир. Знаеме дека животот на Неговите современици беше земјоделски и сточарски. За нас веќе сега сликата на пастирите помалку е избледнета. Таа често е осиромашена и современиот човек не ја разбира пораката што тоа значи да се биде Пастир. Ние денес на стадо гледаме само од корист. Гледаме колку поседувањето на стадото носи добивка. Пастир не е занимање туку често е товар. Се служиме со камшик и кучиња чувари, а и со други методи за што поскоро стадото го напасеме и ја собереме користа од него. Човекот во Исусово време кога бил пастир, тој бил горд бидејќи тоа било негова сопственост но и знак на неговото достоинство зашто по стадото се гледало каков пастир е. Во Палестина во Исусово време пастирот не го тера своето стадо, нема кучиња чувари, туку го води и со својот глас го собира стадото околу себе. Стадото го познава неговиот глас и го следи гласот на својот пастир кој наоѓа пасиште, вода и ги чува од волци. Пастирот би сè дал за овците и овците биле радост за пастирот. Бог не се срами во Стариот завет себе да се спореди како Пастир на Израел, отколку како крал. Веќе од таа послушност кон Отецот, Исус се нарекува Пастир. Да се потсетиме на Давид кој е доведен на помазание како пастирче за да после навистина биде Пастир на Израел и најславен крал на Стариот завет.

Во денешното евангелие среќаваме слика Исус Добриот Пастир. Во посланието до Евреите читаме за Големиот Свештеник кој е единствен во Новиот завет вистински свештеник. Нема друг свештеник освен Исус Христос. Тој не треба да прикажува жртва, бидејќи Тој го изврши тоа еднаш за секогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва, како што вели посланието до Евреите, и воведе ново стадо кое со сопствената крв го откупи и така воведе стекнато добро во вечниот живот. Денешниот извадок од посланието е многу важен да сфатиме дека единствениот вистински наш посредник Исус е Великиот свештеник, а сите ние посветени службеници и Божји народ на тоа откупителско светилиште учествуваме секој на свој начин бидејќи сме соединети со Него и тоа не преку било каква врска туку со Неговата крв. Евангелието во денешниот извадок започнува со Исусовата реченица: „Ја сум вратата“. Преку вратата се влегува законски во куќата или станот. Секој кој ќе ја прескокне оградата крадец е и разбојник. Кај Бога можеме да дојдеме само на онаа врата која, според посланието до Евреите, Исус ја отвори со сопствената крв. Од тука Он е единствената законска врата преку која се влегува во животот на спасените. Светиот Отец папа Фрањо често користи слика од таа врата. Тој вели дека вратата постојано е отворена бидејќи Бог е вечен и постојано „буден“. Бог не се изморува во својата добрина да преку таа врата во своето Царство на вечното блаженство ги доведе своите синови и ќерки. Да. Бог не се изморува да повикува и опростува бидејќи тоа стадо е измиено во Христовата крв. Темелното прашање се состои во тоа дали ние се миеме во Христовата крв со своето покајание и признавањето дека чистењето н$ е потребно. Заради тоа Исус, основајќи ја Црквата ја замислува како стадо. Себе се гледа како Пастир кој се грижи за стадото најнапред така што наоѓа пасиште. Св. Августин вели дека пасиштата и водата кои ги наоѓа пастирот се словото во Писмото и Евангелието. Евангелието е храна – Пасиште и вода – со кои се храни новиот Божји народ. Јасно, ако Исус за нас умре, ако го познаваме Него од евангелието и св. Тајни тогаш сме едно и се познаваме, тој нé познава нас и ние го познаваме Него. Не може денес да се зборува за христијанство кое не би го познавало Исус од неговото евангелие. Кој не би се хранел со Исус од Неговите св. Тајни.

Браќа и сестри, конечно мораме да се соочиме со вистината дека христијанство кое се потпира на обичаи, а не го познава Исус од евангелието и не се храни со храната на св. Тајни е така наречено христијанство и мора да исчезне. Ќе останат само христијаните кои се автентични, вистинити, бидејќи вистински се поврзани со Исус кого го познаваат и Кој ги познава.

Во Евангелието за Добриот Пастир среќаваме и Исусово тежнеење и желба за сите да бидат едно. Црквата ја заснова како заедница на верници кои ги собра околу себе и им го објави Отецот. Со своето откупително дело даде „да имаат живот и да го имаат во изобилие“. Плод на откупението е животот ама живот во милоста. Тоа што овозможува човекот да го живее доследно евангелието е Божјиот дар на милоста. Св. апостол Павле вели дека Бог ни дава и да сакаме и да можеме. Без благодати – што Исус ни ги донесе – не би можеле да останеме верни Нему и на Неговата наука. Гледајќи историско негде во минатото и според човечката вина се случило еден процес што денес би можеле да го наречеме како рушење на оградата на „овчото трло“. Рушејќи ја оградата, всушност се случило тоа што повеќе не се гледало каде е вратата и на тој начин во трлото можело да се влегува и излегува од било каде, затоа Исус дојде и стана врата на своето стадо. Нашата генерација е сведок на така наречениот верски релативизам. Зошто? Токму затоа што секоја верска вистина е доведена во прашање или насилно се прилагодила на нашиот менталитет. Не треба да се оди далеку, туку, само да се следат современите текови на европското општество и се згрозуваме какви сè закони, правила и норми пропишува така наречено „Европско демократско општество“. Колку промашувања, колку екстравагантности и колку лош менталитет донесува тоа модерно општество. Не е чудо што Црквата денес мора да застане многу решително наспроти тој бран на релативизмот кој ги руши сите верски и морални норми. Исус и денес е Добриот Пастир кој секоја заталкана овца ја зема на своето раме и ја враќа во своето стадо. Но, не се ли денес 99 заталкани, а само една вистинска која припаѓа на Христовото стадо. Тоа прашање го постави и папата Фрањо на свештениците од Рим и тогаш им рече – отидете на периферијата на општеството меѓу сиромашните не само материјално, туку и меѓу сиромашите во духот. Отидете меѓу напуштените, обесправените кои се на работ од општеството и нив доведете ги во заедницата на верните. Отидете и навестите дека Бог е оној кој и денес го собира својот народ. Браќа и сестри, со овие зборови св. Отец Папа – Петар во денешни денови – нé повикува и испраќа да бидеме христијани и сведоци. Христијанството и вистината не се само тема за навестување туку пред сè се темел на секојдневниот живот. Да се живее вистината во љубовта е содржина на христијанскиот живот. Тоа треба да се сведочи, тоа е посланието на секој христијанин. Божјото лице не се докажува туку се покажува. Ако треба да докажуваме дека сме христијани, а тоа не се гледа, тогаш тоа е своевидна екстравагантност. Автентичен христијанин е оној кој во животот ја пројавува својата припадност до Исусовото стадо. Ако се чувствуваме надвор, или дека сме залутани, да допуштиме Добриот Пастир и нас да не понесе на своите рамиња и да не врати во заедницата. Тој тоа не само дека го може, туку и го сака.

Црквата, браќа и сестри, денес го слави св. Климент бидејќи беше пастир. Во свое време, на себе својствен начин, тој не само што проповедаше и дејствуваше туку пред сè го живееше евангелието, сведочеше и така обогатен со милоста можеше да биде Пастир според сликата на Добриот Пастир. Светците, Пастирите како и нашиот денешен светец се трајно потсетување дека Бог не е уморен туку и денес повикува да се биде пастир во оваа време. Дали нему тогаш му беше потешко? Не. Секогаш е подеднакво тешко и подеднакво лесно под услов да го познаваме Исус лично, молитвено и пријателски. Затоа го молиме св. Климент да не доведе близу до Исус и да го замолиме, возљубиме и запознаеме како што тоа нему му успеа. Кога ги молиме светците: моли се за нас, тогаш всушност го молиме тоа да можеме во оваа време да бидеме знак на Пастир како што и нему Исус беше во негово време единствен Пастир. Амин.

Категорија: Македонија

За авторот