Проповед на Н.В.П. д-р Киро Стојанов при испраќањето во вечноста на с. Марија Тереза Ташева

Проповед на Н.В.П. д-р Киро Стојанов при испраќањето во вечноста на с. Марија Тереза Ташева

На 18 март 2019 година во Скопје почина сестра Марија Тереза Ташева. Таа беше погребана на градските гробишта во Бутел на 19 март, а погребот го предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, во заедништво со повеќе свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија.

Во таа пригода епископот Стојанов одржа проповед која Католици.мк ја пренесува во целост.

Драги браќа и сестри,

На празникот свети Јосиф – заштитник на оние кои умираат, околу своето мртво тело нѐ собра нашата покојна сестра Марија Тереза Ташева – на која во овој миг и искажуваме последна почест, опростувајќи се од неа и препорачувајќи ја нејзината благородна душа на Милосрдниот Отец Небесен за да влезе во заедништвото на светите и ужива вечна радост по застапништвото на свети Јосиф. Нејзиното тело ќе го положиме во земјата, во неа – како посеано зрно пченица – да се распадне и во Воскресението на мртвите да принесе слава на стократен плод.

Најнапред да благодариме на Бога, Господарот на животот и смртта за дарот на животот на оваа наша сестра. Го помина оваа „земско патување“ на својот живот – правејќи добро. Познато е, кога сонцето заоѓа, тогаш сенката е издолжена, повеќе и подобро видлива, ама е осветлена со жарко црвенило од сонцето кое заоѓа. Сонцето во заоѓање како со „бакнеж да се опростува“ од изминатиот ден, така и ние на погребението со чувство на жалост го набљудуваме заминувањето на еден земски живот. Но, правилно е да се набљудува животот кој поминал во светлината на Божјото слово и чувство на благодарност, бидејќи оваа наша сестра „трката ја заврши, верата ја сочува и ја очекува венецот на правдата“ како што пишува свети апостол Павле. Благодарни сме на Бога што имавме милост да живееме со неа, покрај неа, и да учествуваме во даровите што Бог и ги подари на овој животен пат. Со што и беше обдарен овој животен пат? Кратко и јасно: со служење. Каква ли благодарност до Бога што можеше да го наследува Христос – Свршеникот во монашкиот живот на Сестрите Усмилинки. „Христос, кој не дојде да му се служи туку да служи и конечно да го даде својот живот за спасение на многумина“.

Таа беше во служба на најпотребните, зашто поголемиот дел од својот живот го помина покрај оние кои беа приковани за кревет, како што и самата долги години се наоѓаше, покрај болните, на кои не им требаше господар, туку служител, кој ги теши, раните им ги превива, помага и конечно над умрените како Исус и Марија покрај креветот на свети Јосиф во молитва и љубов ги препорачува душите на починатите на Добриот Бог. Кој би можел да знае и каже колку пати покојната тивко и нечујно изговорила : Исусе, Маријо и Јосифе: примите ја душата негова/нејзина, колку ли болни заминувајќи во вечноста беа испратени со љубов и молитва од с. Тереза. За тој и таков нејзин живот: целосно предан во служењето на Бога во ближниот ние денес и благодариме. Каде го учеше нашата с. Тереза тоа школо на љубовта? Сигурно и во монашката формација – но ја знаеме вистината „многу се повикани, а малку одѕвани“ …каде е коренот на нејзината постојаност низ цели 55 години монашки живот? Се осудувам да потврдам: во семејниот дом. Го набљудуваше својот покоен татко, свештеник, и мој парох о. Димитар, кој секој ден „влегува во олтар“ и принесува Жртва. Го набљудуваше, како во многу тешки времиња нејзиниот покоен татко ги поучува децата во Радово и по другите места и како се останува верен на Бога. Како? Само така да го љубиш ближниот свој, бидејќи тој ближен е исто така од Бога повикан, можеби во други околности, но и тој е Божји, без разлика на нација, раса и вера. Научи дека христијанството нема поим непријател – а ако и има – одговорот е јасен: „љубите ги своите непријатели, молете за оние кои ве прогонуваат… бидете милосрдни како што е Вашиот Отец небесен“ вели Исус. Затоа во негата на болните не беше прашањето: Која вера или нација си… туку: како можам да ти помогнам? Да, драги браќа и сестри, тоа е вистинското христијанство, кое е заради човекот, а не заради самиот себе. Затоа денес искажувам благодарност и на Нејзиното семејство, на нејзините покојни родители и овде присутните браќа, сестри, внуци и правнуци, каде го научила звањето служење и жртва.

Второ, што сакам да истакнам во сенката на „заоѓањето на сонцето“ е нејзиниот „силен молитвен живот“. Тоа сите го знаеме и познато ни е дека беше голема молителка. Молеше за секого, кој се препорачи во  нејзините молитви, молеше за нашата Црква, молеше и за мене. Искрено и предано. Сега, браќа и сестри, над нејзиниот отворен гроб да и кажеме едно големо: БЛАГОДАРАМ. Благодарам с. Терезо, што си покрај твојот долг, макотрпен живот во монашката заедница, долгу години и самата прикована за кревет, имаше храброст, најде време да ја љубиш Црквата, својата заедница и толку многу да молиш… Ти благодарам. Се надеваме дека сега, после земската смрт, кога престануваат границите на времето и просторот, кога влезе во куќата на мирот кај нашиот Небесен Татко, дека ќе молиш уште повеќе и уште посилно. Овде „гледаше како во огледало, а таму гледаш лице во лице“ како што не учи свети апостол Павле. Таму, пред лицето на Вечниот Свршеник, моли, многу моли. Моли го Бога за Твојот народ и за секој друг народ, измоли такви семејства, каков што беше твојот семеен дом. Од таквите семејства Бог лесно повикува во своја служба. Тие и таквите семејства се сѐ помалку и заради тоа и духовни звања има сѐ помалку. Моли за Своето Општество на Сестрите Усмилинки. Моли за нови и свети звања. Сиромашни сме. А Црквата без духовни звања е СИРАЧЕ.

Драги браќа и сестри, слушнавме во светото Евангелие дека Исус отиде „на своите да им приготви место“и тие да бидат таму каде е Тој. Ни даде јасен рецепт, одговарајќи им на прашањето: „Како“? „Јас сум Патот, Вистината и Животот“… Нашата с. Тереза одеше по тој пат и не погреши. Го видовме тоа кога беше болна и немоќна прикована на крстот на страданието, остана верна на својот Распнат Свршеник. Дали вас да ве тешам? Не, почитувани сестри, ожалостено семејство, драги верници. Таа во оваа Коризма, во овој велигденски пост, отиде според таинството на страданијата, и смртта во пресрет на воскресението. Нека нашата утеха биде наша благодарност за нејзиниот живот и нашата љубов во молитвата за нејзино спасение. Да молиме и сега за дар на такви семејства какво што беше нејзиното, за дар на духовни звања и за нашата Црква, за да биде по животот на сите нас јасно, по кој пат чекориме, според која вистина живееме и на каков живот се надеваме. Тоа и такво живеење е најдобра благодарност, најубава молитва и најдобар начин да го чуваме споменот на нашата покојна Сестра Тереза.

Покој вечен дарувај ѝ Господи. Амин.

к.мк

За авторот