Претставена подготовката за прогласување свети на Иван XXIII и Иван Павле II
Во канцеларијата за печат на Светата Столица денеска е претставена програмата за канонизација на двајцата папи: блажениот Иван XXIII и блажениот Иван Павле II, кои на 27 април ќе бидат прогласени за свети. На прес конференцијата помеѓу другите говореа кардинал Агостино Валини, Папски викар за Римската бискупија, и патер Федерико Ломбарди, директор на Канцеларијата за печат на Светата Столица и Радио Ватикан.
Во пресрет на канонизацијата по римските парохии ќе биде организирано молитвено бдение, а постулаторите за прогласување на свети на 22 април ќе се сретнат со младите во базиликата Свети Иван Латерански. Тие случувања ќе претходат на самата канонизација, која ќе биде „вистинско славење на верата“, како што истакна патер Ломбарди.
Кардинал Валини говореше за вистинската димензија на канонизацијата. Во суштина е духовна порака, бидејќи е славење на светоста. Односот на Иван XXIII и Иван Павле II, со Црквата во Рим, чии бискупи беа, беше многу цврст, од самиот начин на вршење на службата, до блискоста, грижата и прифаќањето на секоја личност – рече кардиналот повикувајќи ги сите на духовна подготовка за големиот настан.
Канонизациите се Божја милост, која ни ја дава Бог покажувајќи ни двајца луѓе на верата како пример на христијанскиот живот. Затоа да настојуваме до канонизацијата духовно добро да се подготвиме. Тоа е, би рекол, смислата за подготовките за тој настан – рече кардинал Валини.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, патер Ломбарди рече дека Ватикан не знае колку верници ќе учествуваат на обредите. Влезници нема да има, кој ќе дојде на Плоштадот Свети Петар и во Улицата на Помирување ќе можат да учествуваат на Светата Литургија и обредот на прогласување за свети. Влезници, значи, нема да има, ниту треба да се бараат – повтори патер Ломбарди.
РВ/С.С