Со Вечерна Папата ќе ја затвори Молитвената осмина за единство на христијаните

Со Вечерна Папата ќе ја затвори Молитвената осмина за единство на христијаните

На 25 јануари со Вечерна во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините на Рим, Папата ќе ја заврши Молитвената осмина за единство на христијаните

Канцеларијата за Папски литургиски славења во петокот објави дека Папата ќе ја предводи Вечерната на 25 јануари, завршувајќи ја молитвената осмина за единство на христијаните. Овогодинешната молитвена осмина е вдахновена од Евангелието според Матеј: „Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме“ (Матеј 2,1-12).

Минатата година Светиот Отец беше спречен да ја предводи Вечерната поради ишијас. Молитвената осмина, која се одржува редовно од 18 до 25 јануари, ги вклучува христијанските деноминации ширум светот.

Темата на овогодинешната Светска молитвена осмина ја подготви Советот на црквите на Блискиот Исток, во соработка со Папскиот совет за промовирање на единство на христијаните, нудејќи да се размислува за искуството на Светите три цара или мудреци.

Теми

За време на осмината, христијаните се повикани секојдневно да размислуваат за одредена тема поврзана со мотото.

„Ја видовме неговата ѕвезда на исток“, е водечката мисла за првиот ден од осмината, додека вториот ден е понудено размислување на тема: Каде е новородениот Цар Јудејски?

„Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него“, е библискиот стих кој се нуди за размислување на третиот ден. Четвртиот ден водечката мисла ја има: „И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини“.

„И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив“ е библискиот стих кој се нуди за размислување на петтиот ден.

А на шестиот ден размислувањето е вдахновено од стихот од Евангелието по Матеј: „Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија“.

Последните два дена се посветени на размислување за мудреците – „а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна“, а потоа „си заминаа по друг пат за својата земја“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот