Авторитетот на пастирот да го има вкусот на Евангелието

Авторитетот на пастирот да го има вкусот на Евангелието

На редовниотјавен конзисториум на кој во Кардиналскиот колегиум се вброени 14 нови кардинали, папата Фрањо ги поттикна да не попуштаат пред љубомората, зависта, сплетките, туку да го свртат погледот, способностите, очекувањата и срцето кон она што е важно, а тоа е посланието.

Единствениот веродостоен авторитет е оној кој се раѓа кога се ставаме до нозете на другите за да Му служиме на Христос – рече папата Фрањо на конзисториумот одржан попладнето на 28 јуни 2018 година на кој во Кардиналскиот колегиум се вброени 14 нови кардинали.

Папата во проповедта се осврна на читањата од Евангелието според Марко (10, 32-45) и напомена дека пред третото навестување на маката и воскресението, евангелистот не се двоуми да открие одредени тајни кои учениците ги носат во срцето, како што е барањето на првите места, љубомората, зависта, сплетките и договорите. Станува збор – истакна – за логиката која не само што ги расипува и нагризува одвнатре меѓусебните односи, туку затвора и вклучува во залудни расправи.

За што служи освојувањето на целиот свет ако одвнатре сме расипани? Зошто здобивање на целиот свет ако живееме окупирани со загушливите сплетки кои го стврднуваат и го праваат неплодно срцето и посланието – праша Светиот Отец и додаде дека во таквата ситуација, како што некој кажал, веќе можат да се забележат сплетки и во црковните институции.

Меѓутоа, „меѓу вас нека не биде така“ рече Господ и ја спасува заедницата од претераното внимание кон себе, и ја упатува напротив да го сврте погледот, способностите, очекувањата и срцето на посланието – рече Папата. Исус така нѐ учи на преобраќање, преобразбата на срцето и реформата на Црквата е секогаш и ќе биде во мисионерскиот дух, затоа што подразбира престанок на вниманието и грижата за сопствените интереси за да гледаме и да се грижиме за интересите на Отецот.

Преобраќањето од нашите гревови од нашите егозими не е и никогаш нема да биде цел за себе, туку главно тежи кон поголема верност и расположливост за прифаќање на посланието; и тоа посебно кога нашите браќа се во тешки моменти сме подготвени и расположени да ги придружуваме и да прифаќаме  сѐ и секого – рече потоа папата Фрањо и додаде: Наместо да станеме оние кои отфрлаат или заради тесноградност или уште полошо заради тоа што меѓусебно се расправаме и мислиме на тоа кој меѓу нас е најважен.

Кога ќе го заборавиме посланието, кога ќе го изгубиме од видик конкретното лице на браќата, нашиот живот се затвора во барањето на сопствените интереси и сопствената сигурност – предупреди Папата и истакна дека така се појавуваат лутината, жалоста и непријатноста. Малку по малку се намалува просторот за другите, за црковната заедница, за сиромашните, за слушањето на Господовиот глас. Така се губи радоста, а срцето станува покруто – истакна Светиот Отец.

Затоа сме повикани секој ден да го пееме Величај – рече Папата. Тоа е повик кој Господ ни го упатува за да не заборавиме дека авторитетот на Црквата расте со способноста за промовирањето на достоинството на другиот. Единствениот веродостоен авторитет е оној кој се раѓа кога се ставаме до нозете на другите за да му служиме на Христос – истакна Папата.

Тоа е најголемиот медал која можеме да го добиеме – додаде Светиот Отец. Најголемата промоција која можеме да ја постигнеме е да Му служиме на Христос во верниот Божји народ, во гладниот, во заборавениот, во затворениот, во болниот, во зависникот од дрога, во напуштениот, во конкретните луѓе со нивната историја и со надежите, со нивните очекувања и разочарувања, со нивните страдања и рани. Само така авторитетот на пастирот го има вкусот на Евангелието. Никој од нас не смее да се почувствува подобар од другиот. Никој од нас не смее да гледа на другите од висина. Некој човек можеме така да го гледаме само кога му помагаме да стане – истакна папата Фрањо пред новите кардинали.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот