Папата: Вратете се кај Бог, Господ ве чека

Папата: Вратете се кај Бог, Господ ве чека

Недовербата, вкочанетоста и рамнодушноста, се демоните кои ја парализираат душата. Меѓутоа застанувањето, набљудувањето и враќањето можат да го загреат срцето на верникот – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија која ја служеше со обредот пепелење на Пепелница, 14 февруари 2018 година во римската базилика Света Сабина.

Недовербата, вкочанетоста и рамнодушноста, се демоните кои ја парализираат душата. Меѓутоа застанувањето, набљудувањето и враќањето можат да го загреат срцето на верникот – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија која ја служеше со обредот пепелење во римската базилика Света Сабина, после процесијата која ја предводеше од црквата свети Анселмо. Во секојдневните перипетии се појавуваат гласови кои ја искористуваат болката и несигурноста, и не знаат да сеат ништо друго освен недоверба, чии плодови се вкочанетоста и рамнодушноста. Времето на Великиот пост – нагласи Папата – е соодветно време да ги исправиме погрешните одговори на секој христијански живот и да ја прифатиме секогаш новата, радосна и полна со надеж, веста за Господовото Воскресение. Меѓу останатото Светиот Отец поттикна да се запре и да се прекине забрзаниот и нервозен ритам кој го нарушува секојдневниот живот.

Застанете малку, пуштете ја таа нервоза и тоа бесмислено трчање кое ја исполнува душата со горчина од чувството дека никогаш никаде не стигнуваме – рече папата Фрањо и додаде: Застанете, оставете ја таа обврска на живеење во брзина, која го растура, разделува и го уништува времето кое би требало да го посветиме на семејството, на пријателите, на децата, дедовците и бабите, како и за благодарност на Бог.

Застанете малку пред горделивиот поглед, пред минливиот и одвратен коментар кој се раѓа заради заборавањето на нежноста, милосрдието и почитувањето на средбата со другите, посебно со најранливите и оние кои се потопени во гревот – рече Папата и продолжи: Застанете пред неодоливиот импулс сè да контролираш, сè да се знае, да се уништи сè, кој се раѓа од заборавањето на благодарноста за дарот на животот. Застанете малку пред заглушувачката врева која ги заглушува нашите уши и нè тера да ја заборавиме плодната и создавачка моќ на тишината.

Застанете малку пред ставовите кои поттикнуваат неплодни чувства кои произлегуваат од затворањето и самосожалувањето и доведуваат до заборавот да се оди во пресрет на другите за да се сподели товарот и страдањето. Застанете пред празнината на она што е моментално и минливо, што нè лишува од корените, врските, вредностите на патиштата и спознанието дека секогаш сме на пат. Застанете за да гледате и да контемплирате! – поттикна Светиот Отец.

Погледнете ги знаците кои го спречуваат гасењето на љубовта, кои го одржуваат жив пламенот на верата и надежта – рече папата Фрањо и додаде: Живите лица на нежноста и добрината на Бог кој делува во нас. Гледајте ги лицата на нашите семејства кои од ден во ден се борат со големите напори за да одат напред, меѓу многуте недостатоци не пропуштаат ниту една можност за нивниот дом да биде училиште на љубовта. Погледнете ги лицата кои нè предизвикуваат, лицата на нашите деца и на младите полни со надеж и можности кои бараат посветеност и заштита. Живи никулци на љубовта и животот кои секогаш поминуваат низ нашите ситни и себични пресметки.

Гледајте ги лицата на нашите стари избраздени од времето; тие се лица на сеќавањето на нашиот народ. Лица на делотворната мудрост Божја. Погледнете ги лицата на нашите болни и многумина кои за нив се грижат, лицата кои во својата ранливост и во своето служење потсетуваат дека вредноста на секој човек никогаш не може да се сведе на прашање на пресметки или корист. Погледнете ги лицата кои се каат – рече Папата – лицата на многумина кои настојуваат да ги исправат своите грешки, започнувајќи од својата беда и болката се борат за да ја променат ситуацијата и да одат напред.

Застанете и погледнете и вратете се, вратете се во домот на својот Отец. Вратете се без страв во испружените раце на својот Отец, богат со милосрдие кој ве чека. Ова е соодветно време за да се вратите во домот на својот Отец. Бог не се изморува и нема да се измори пружејќи ги своите раце. Вратете се без страв, за да доживеете оздравување и помирување со Бог. Дозволете Господ да ги излекува раните на гревот и да го исполни пророштвото дадено на нашите татковци: „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо“ – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот