Многумина од нас се оптеретени и скршени од проблемите, чувствуваат секојдневно тешкотии, се борат со нерешени и скриени проблеми во животот.
Ова влијае многу негативно врз нивниот дух и тело. Ги нагризува нервите. Со незадоволство гледаат на своето тело. Започнуваат да го презираат секој момент, а со тоа и нивниот изглед и нивната мажественост и женственост. За жал, не гледаат излез. Го бараат, но не го наоѓаат. Честопати имаат желба сето ова на своја рака сами да го променат за да исчезне овој живот. О, кога само би посакале да го погледнат Исус, Неговото сјајно лице, Неговата човечност во која се отсликува божественоста!
Запри малку. Погледни нагоре, овој живот има смисла!
Со своето преображение, Исус на сите ни ја открива смислата на овој живот. Тој укажува на нов живот во полнота. Човечкото тело е столбот на спасението. Потребно е само да се прифати Исусовата рака, да се преобрати и да се верува во евангелието. Во сјајот на Исусовата божественост, гревот, јадот и тагата исчезнуваат. Страдањето и смртта го немаат последниот збор. Просторот посветен на Христовото преображение станува свет. Сатаната не може да дојде таму. Бог нѐ создаде за себе, така што нашето срце ќе биде мирно единствено во Бога. Да не дозволиме сјајот на лицето на Исус и Неговата облека да избледеат во нас.
На никој не му е лесно на овој свет. Не беше лесно ниту за учениците, кои го следеа Исус затоа што сѐ уште го немаа примено Светиот Дух. Тие гледаа на Господ поинаку од нас. Тие не ја разбраа пораката на Исус за Неговата жртва и смрт. Исус зема со себе тројца привилегирани ученици. Тие ќе бидат со Исус за време на агонијата во Маслиновата градина. Црковните отците ги поврзуваат апостолите со трите христијански богословски крепости: Петар за верата, Јаков за надежта, Иван за љубовта. Овие крепости го оцртуваат христијанскиот пат на одење со Исус. Пред нивните очи, Исус се преобразува.
Ја гледаат Божјата слава. Гледаат како ќе изгледа телото на Исус по воскресението во слава. Гледаат дека лицето на Исус сјае посветло од сонцето, ги гледаат облеките бели како во сите објави каде што Бог е на дело. Се појавува и облак, посебен знак за Божјото доаѓање и Неговата присутност. Покрај Него се појавуваат Мојсеј и Илија. Тие се живи и разговараат со Исус. Светот на Исус е свет на живите, а не на мртвите. Во Мојсеј е застапено целото минато на избраниот народ, во Илија се присутни сите пророци, а Исус е смислата на целата историја. Тој е новиот Мојсеј и новиот Илија. Во исто време, Бог се открива во трите божествени личности.
Гласот на Отецот грми над Синот, а присуството на Духот е посебно обележано со облакот. Исус е Единородниот Син на Отецот преку кого доаѓа спасението. Него да се слуша, значи да се има вечен живот, да се има смисла на животот. Убаво е да се биде со Исус. Петар сакал овој призор да трае вечно. Подготвен е да направи три сеници, само да не се прекине овој прекрасен момент.
Апостолите не се снајделе најдобро додека го гледале Исусовото божество. Мислеле дека ќе умрат затоа што го гледаат Бога во лице. Иако сѐ уште биле водени од човечки пресметки, зачекориле во друга реалност, која за сите нас уште е невидлива. Нѐ воодушевува нивната реакција на теофанијата – Богојавлението. Тие паднаа со лицето надолу на земја. Тоа е најдлабокиот поклон, што човек може да му го даде на Бога. Го сметаме за стравопочит, кој доаѓа од внатрешноста на човечкото битие.
Не можеа сами да се подигнат. Станаа преку милоста Божја!
Во овој призор и ние сакаме да се откриеме себеси. Исус се преобразува и за нас. Тој сака да нѐ разбуди од сонот и да нѐ покани на заедничко патување. Во Евхаристијата го препознаваме неговото преобразено присуство. Тоа е Неговото тело, Неговата божественост, Неговата света и животворна Крв. Затоа паѓаме на колена пред Него. Тоа е нашиот гест на почит кон Бога во парчето леб. Благувањето на телото Христово е најсреќниот момент.
Во Него се препознаваме себеси. Учиме да се сакаме себеси и своето тело. Во Исус Христос, животот добива потполна смисла. Во Евхаристијата, Бог, кој е толку голем, станува близок до секој. Но, Тој не може да се смести каде што ние сакаме, кога ние сакаме и како ние сакаме. Не смееме да заборавиме дека Бог управува со нас, а не ние со Бог.
Да го погледнеме преобразеното Исусово лице. Да благуваме што почесто од Неговото тело. Божјата благодат ќе нѐ промени до потполна преобразба во Исус Христос. Затоа, да се изложиме на дејствувањето на Божјиот Дух. Бог Отецот над секое дете ги изговара зборовите: „Ти си мој возљубен, ти си моја возљубена!“ Преображението ни ја открива тајната на небото и тајната на божественоста. Но, тоа не значи дека нашите проблеми ќе исчезнат. Не, никако, но со Исус ќе ни биде полесно да го разбереме значењето на страдањето и трпењето, а потоа и смртта.