Во петокот, на 19 април 2024 година, папата Фрањо прими во аудиенција повеќе од 6 000 ученици и наставници од италијанската мрежа на училишта на мирот. Денес, повеќе од кога било, неопходно е да се живее одговорно, да се прошират хоризонтите, да се гледа напред и од ден на ден да се сее семето на мирот што уште утре може да никне и да вроди со плод, рече Папата во својот говор.
Ви благодарам што сте полни со ентузијазам за остварувањето на целите на убавината и добрината, среде драматичните ситуации, неправди и насилство кои го навредуваат човечкото достоинство. Ви благодарам што се посветивте со голема љубов и великодушност да работите на „градилиштето на иднината“, победувајќи го искушението на животот фокусиран само на она денес, кој ризикува да ја изгуби способноста за големи соништа. Денес, сепак, повеќе од кога било потребно е да се живее одговорно, да се прошират хоризонтите, да се гледа напред и од ден на ден да се сее семето на мирот што утре ќе може да никне и да вроди со плод.
Светиот Отец на почетокот на своето обраќање порача до учениците и наставниците на Италијанската национална мрежа на училиштата на мирот, основана во 1995 година, која има за цел да промовира трајно вклучување на образованието за мир и човекови права во училишните програми на сите италијански училишта на сите нивоа. Денес, обединува повеќе од 130 образовни институции од сите нивоа и е присутна во 94 италијански градови.
Future Summit во седиштето на Обединетите нации
Во своето обраќање пред присутните италијански студенти и наставници, Светиот Отец потсети и дека во септември оваа година во седиштето на Обединетите нации во Њујорк ќе се одржи Future Summit, на кој што ќе се зборува за големите глобални предизвици во овој историски момент и ќе биде потпишан „Пактот за иднината“ и „Декларација за идните генерации“. Тоа е важен настан, а потребен е и вашиот придонес за да не остане само „на хартија“, туку да стане конкретен и да се реализира преку промени и работа на промените, рече Папата и продолжи:
Свикувањето на овој Светски самит нѐ потсетува дека сите сме повикани да се соочиме и да одговориме на предизвикот за градење подобра иднина и дека пред сѐ мора да ја градиме заедно! Не можеме едноставно да ја префрлиме грижата за „идниот свет“ и решавањето на неговите проблеми на одредени институции и оние кои имаат посебни општествени и политички задачи. Вистина е дека овие предизвици бараат специфични вештини, но исто е вистина дека тие директно нѐ засегаат, допираат до животите на сите и бараат активно учество и лична посветеност на секој од нас. Во глобализираниот свет, каде што сите сме меѓусебно поврзани, не е возможно да се помине низ животот како поединци кои се грижат само за сопствената „градина“: напротив, треба да се вмрежуваме и да создаваме мрежа, да се поврзуваме, да работиме во синергија и хармонија. Тоа значи преминување од „јас“ во „ние“: не „работам за мое добро“, туку „работиме за општото добро, за доброто на сите“.
Заеднички сон
Навистина, денешните предизвици, а пред сѐ опасностите што надвиснуваат како темни облаци кои ја загрозуваат нашата иднина, исто така станаа глобални. Тие нè засегаат сите нас, бараат одговор од целата човечка заедница, бараат храброст и креативност на колективен сон што поттикнува постојано посветено залагање, со цел заедно да се справиме со еколошките, економските, политичките и социјалните кризи низ кои поминува нашата планета.
Тоа е сон кој бара од нас да бидеме будни, а не заспани! Тој сон се остварува со работа, а не со сонување; со излегување на улица, а не со лежење на фотелја; со добро користење на ИТ алатките, а не губење време на социјалните мрежи; а потоа – слушајте внимателно – тој сон се остварува со молитва, односно заедно со Бога, а не само со сопствените сили, нагласи Папата во својот говор.
Мир и грижа – две меѓусебно поврзани реалности
Потсетувајќи како учениците и наставниците од италијанските училишта за мир ставија два клучни збора во центарот на нивните напори: мир и грижа, Папата истакна дека станува збор за две меѓусебно поврзани реалности: мирот, имено, не е само молк на оружјето и отсуство на војна; тоа е атмосфера на добронамерност, доверба и љубов што може да созрее во општество засновано на грижливи односи, во кое индивидуализмот, расеаноста и рамнодушноста отстапуваат место на способноста да се обрне внимание на другиот, да се слуша другиот во неговите основни потреби, да му се залекуваат раните, во тоа да бидеме орудие на сочувство и оздравување за другиот. Таа е Исусовата грижа за човештвото, особено за најслабите, за што често ни кажува Евангелието. Од взаемна „грижа“ се раѓа инклузивно општество засновано на мир и дијалог, истакна Папата.
Миротворци, градители на иднината
Во ова време обележано со војна, ве замолувам да бидете миротворци; во општество кое сè уште е заробеник на културата на отпадот, барам да бидете протагонисти на инклузивноста; во свет исполнет со глобална криза, ве молам да бидете градители на иднината, за нашиот заеднички дом да стане место на братство, рече Папата во своето обраќање пред учениците и наставниците од цела Италија, кои на крајот ги покани да се сетат на децата во војна:
Помислете на децата кои се во војна, сетете се на децата од Украина кои заборавија што е насмевка. Молете се за тие деца, нека ви бидат на срце децата кои се во војна. Сетете се на децата од Газа кои гладуваат и се под митралески оган.
Ватикан њуз/к.мк