Папата Фрањо на 16 април ќе ги посети бегалците на Лезбос

Прифаќајќи ја поканата на цариградскиот екуменски патријарх Вартоломеј I и на грчкиот претседател Павлопулос, Светиот Отец во сабота, на 16 април, ќе го посети островот Лезбос, објави Прес службата на Светиот Престол.

На тој грчки остров, папата Фрањо, патријархот Вартоломеј и архиепископот на Атина и цела Грција, Јероним II ќе се сретнат со бегалците кои се таму сместени.

За ова патување на папата Фрањо, во разговор за Радио Ватикан, се осврна отец Федерико Ломбарди, директор на Прес службата на Светиот Престол и истакна дека е познато колку Папата е внимателен кон сите големи кризи денес, посебно кога станува збор за луѓето кои страдаат, на кои им е потребна нашата солидарност и нашата помош. Како што ја посети Лампедуза, само неколку месеци од својот понтификат, со цел, таму на границите на Медитеранот, меѓу Африка и Италија, да ја изрази својата близина, така и сега, кога состојбата е многу тешка Егејса кото море. Папата сака и конкретно да го изрази своето учество и грижа, истакна отец Ломбарди.

Бидејќи тука се наоѓаме на подрачје кое, од страна на христијанските Цркви, е претежно православно, тој тоа го прави заедно со надлежните православни власти, односно со цариградскиот патријарх и атинскиот архиепископ, објасни директорот на Прес службата на Светиот Престол. Тоа е гест на солидарност и христијанска близина со големиот проблем на бегалците, прогонетите, мигрантите, која екуменски ја изразуваат претставниците на христијанските Цркви.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот