Скоро ист состав на учесници, покајнички и екуменски богослужби, четири теолошки форуми и состаноци за обликување на финалниот документ. Ова ќе бидат главните точки на последното октомвриско синодално заседание во Ватикан, на кое ќе се сумира тригодишниот синодален процес.
Во истиот состав како лани ќе работи и второто заседание на епископската синода за синодалност. Меѓу 368 учесници со право на глас се предвидени 26 измени. Ова беше соопштено на прес-конференција во Ватикан по повод презентацијата на второто заседание на XVI Редовното собрание на Епископската синод на тема „За синодална црква: заедништво, учество, послание“, кое ќе се одржи од 2 до 27 октомври 2024 година. За време на презентацијата, која се одржа на 16 септември 2024 година во прес-центарот на Ватикан, зборуваа кардинал Марио Грек, генерален секретар на Генералниот секретаријат на Синодата, кардинал Жан-Клод Олерих, надбискуп на Луксембург и главен релатор на XVI Редовното собрание на Епископската Сисинода, а говореа и специјалните секретари, меѓу кои Рикардо Батокио и отец Џакомо Коста.
Покајна богослужба и екуменска молитва
На заседанието ќе претходи дводневна духовна обнова, која овојпат ќе се одржи во Ватикан. Како и минатата година ќе го предводи патер Тимоти Редклиф, Доминиканец и сестра Игнатија Ангелини, бенедиктинска монахиња, како и отец Матео Ферари. На крајот од духовната обнова, Светиот Отец ќе предводи покајничка молитва во базиликата Свети Петар, при што ќе се препознаат различните категории на гревови, а Папата во име на христијаните ќе побара од Бога и од луѓето прошка за нив. Како што нагласи кардиналот Марио Грек, оваа молитва не е за исповедање на гревовите на другите, туку за „признавање на сопственото учество – преку постапки или небрежност – во она што стана причина за страдањето на невините и беспомошните“.
За 11 октомври е планирана екуменска молитва, која ќе се одржи во Ватикан на плоштадот на првомачениците, односно на местото каде според легендата маченички умира Свети Петар. Заедно со Папата, на неа ќе учествуваат и делегати од некатоличките цркви и заедници. Во подготовката на молитвата ќе бидат вклучени браќата од Заедницата Тезе. Пред самиот крај на синодалните дискусии, на 21 октомври, предвиден е уште еден ден за духовна обнова. Ова ќе биде подготовка за прифаќање на нацрт финалниот документ на синодата
Заклучок на тригодишното патување
Како што забележа отец Џакомо Коста СЈ, Специјален секретар на синодалното собрание, целта на дискусиите е да се сумира синодалниот процес, кој трае од октомври 2021 година. Станува збор најпрво да се идентификуваат темите што треба да бидат вклучени во финалниот документ, а потоа дополнително да се размисли за нив. Целата работа ќе биде поделена на пет модули. Првите четири ќе бидат посветени на главните делови од работниот документ. Дискусиите ќе се менуваат помеѓу 36 работни групи и пленарни сесии. Конечниот синодален документ ќе се уредува под раководство на главниот релатор на генералното собарние на епископската синода, кардинал Жан-Клод Олерих.
Теолошки форуми
Нов елемент на второто синодално заседание ќе бидат четирите теолошки форуми. Тие ќе се одржат на 9 и 16 октомври во простории на Исусовците и Августинците во близина на Ватикан. Ќе бидат посветени на теми поврзани со дискусиите од синодата: „Божјиот народ, предмет на посланието“, „Улогата и моќта на епископот во синодалната црква“, „Односи меѓу локалната црква и Универзалната црква“, „Спроведување на приматот и епископскиот синод“. Покрај поканетите теолози, трибините се отворени за сите учесници на синодата, новинари акредитирани од прес-службата на Светиот Престол, како и за сите заинтересирани лица, кои подлежат на претходна регистрација.
Ватикан њуз/к.мк