Прво Причастие во Радово
„Денес сме собрани на оваа света Литургија, да го славиме Бога, славејќи да го молиме за сите наши потреби и прозби, за нас лично за нашите најблиски, а сите заедно за овие наши деца кои по прв пат во својот живот ќе го примат во себе Спасителот на светот – Господ Исус Христос“ се воведните зборови во словото кое го упати парохот д-р Зоран И. Стојанов на светата Литургија по повод Првото Причастие во парохијата и празникот на Светата Евхаристија. Кој уште додаде дека животот знае да биде суров како морето, кое е немилосрдно, затоа треба да се молиме драгиот Бог да ги чува децата во светот кој е разбранет како немирно море.“
На светата Литургија која беше служена во 10 часот на 14 јуни 2015 година во сослужение со о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов, о. Зоран на посебен начин ги поздрави и им благодари на Сестрите Евхаристинки, родителите, вероучителите и учителите на Првопричесниците.
Во Радово веќе традиционално на празникот на Светата Евхаристија (Втора недела по Духовден) се одржува свечена процесија со светото Причастие околу црквата, застанувајќи и читајќи ги предвидените четири св. Евангелија пред олтарите кои за таа прилика верниците ги прават во црковниот двор.
Н.и К.С.