Потребна е храброст и вера да се оди против струјата
Денес треба да се има храброст и вера за да се оди против струјата. Спротивно од оној менталиет кој кај нас се изразува со „сите така прават“. Папата Бенедикт XVI, а сега и папата Фрањо често го користат терминот одење против струјата, односно да се оди спротивно од правецот на мнозинството, спротивно од она „сите така прават“. И сигурно дека мнозинствоото не секогаш е во право. И ако погледнеме во животот на Пресвета Богородица, мајката Исусова и нашата Мајка, ќе забележиме дека и таа следејќи го својот Син оди против струјата. Да се следи Исус го значи да се прифатат и усвојуваат за свои, неговите постапки, ставови, дела… А Исус бескомпромисно оди против сфаќањата на тогашниот свет, оди против мнозинството, против струјата. Неговото сфаќање за тоа каков треба да биде храмот и она на мнозинството не се совпаѓаат, за љубовта кон непријателот, за насилството, за бракот… Значи Исус оди против струјата, Богородица исто така? Од каде Богородица црпи сила?А ние?
Дали имаме сила да одиме против струјата. Тоа е тешко, можеби за нас изгледа и невозможно. Но затоа да размислуваме заеднички неколку библиски места за Богородица и да научиме од нејзиното училиште што треба да се прави, како треба да се живее за да имаме сила да одиме против струјата.
Зачнување од Светиот Дух: Во моментот кога ангелот Гавриил ѝ навестува таа е сама, потоната во молитва, поради што може слободно, без никави притисоци, влијанија, да каже: Еве слугинка сум Господова. Таа се откажува од своите планови и ја прифаќа волјата Божја. Во тој момент за неа е важен само Господ, не е важно што ќе кажат другите. Не и е важна кариерата, мажењето, материјалноста… Иако сето тоа изгледа едноставно, таа во својата длабочина сепак чувствува голема тежина, во себе води внатрешна борба за таа ново настаната ситуација. Како да каже дека зачнала од Светиот Дух? Кој ќе ѝ поверува? Но сите решенија за своите проблеми ги гледа во Господ. Таа никогаш не престана да го наслушкува гласот Божји.
И ние да се препознаеме во Богородица. Да му дозволиме на Бог да ни го објави неговиот план со нас. Но пред да го направи тоа Бог, треба да бидеме слободни од сѐ друго: кариера, работа, наврзаност на материјалност… Затоа најпрво треба да се откажеме од своите планови. Затоа треба да се впуштиме во внатрешна борба. Отстапувањето и напуштањето на своите лични планови не е слабост, ниту пак загуба, туку знак на доверба во Господ. А Бог зборува кога човек е повлечен од секојдневните обврски, проблеми, кога се наоѓа во тишина која е резервирана за Господ. И токму во таква ситуација Бог говори. Ако пак сме преполни со разни стравови и сомнежи, зборовите на ангелот и за нас треба да значат многу: „Не бој се (..) зашто најде милост пред Бога. Овој лик на Богородица секој од нас треба да го поттикнат на промена. Дали сакаме да се промениме? Или лесно се навикнуваме на работите, на слабостите и ги прифаќаме како да се нешто сосема вообичаено?! Бог нѐ повикува од себе да бараме повеќе, а пред сѐ одлуките да ги донесуваме заедно со Господ преку молитва, во осаменост, во тишина надвор од секојденвата галама.
Марија го принесува Исус во храмот: Таа многу добро знае дека Исус е Син Божји и дека Бог треба да управува со нејзиниот живот. Таа го предава на Отецот и прифаќа сѐ што ќе се случи со неа. А Симон и го задава силен удар, кога и пророкува дека меч ќе ѝ го прободе срцето.
А кој управува со мојот живот? На кој се препуштам, на Господ или како што ќе дува ветерот, така ќе живеам, според она „сите така прават“. Или пак ќе му дозволам на Господ да биде мојот водич низ животот. Дали прифаќам потполно да му се доверам на Господ, да прифатам и непријатности, удари…
Бегство во Египет – Веднаш по раѓањето Исус, Марија и Јосиф мора да бегаат во Египет, бидејќи не биле прифатени. Читајќи го Евангелието забележуваме како Господ реагира, ги изведува од опасноста. А тоа Бог го прави, бидејќи во срцата на Богородица и Јосиф наоѓа соработници, кои го слушаат Словото Божјо. Богородица прифаќа да биде прогонета, а тоа е неминовна последица на секој оној кој сака да го наследува Исус.
Кој сака да го наследува Исус, мора да прифати прогонство. Во Евангелието Исус ќе каже дека и нас ќе нѐ прогонуваат, бидејќи него го прогонуваа. Но прогонството не мора да биде физичко и демонстративно. Прогонство е и кога во некое друштво, не сме прифатени, кога поради Исус, Црквата, Евангелието, нѐ избегнуваат, кога не сакаат да разговараат со нас, кога ни се исмејуваат заради Господ…. А Бог тогаш и ќе реагира, ќе нѐ изведе од опасноста доколку ги отвориме срцата со него и бидеме соработници.
Доаѓање во Назарет Во Назарет Исус поминува најголем делод својот земски живот. Во тој град животот на Марија е обележан со радост, го гледа Исус како расте и како полека на таинствен начин се подготвува за исполнување на своето послание. Но кај Исус надворешно ништо не се забележува, ист е како и другите деца, само таа знае дека тоа Дете е Син Божји, таа верува, живее од вера.
Од надвор ништо не се забележува и ништо не се случува. И ние во секојдневието обично живееме обичен живот, банален, окупирани со обични работи. Ништо посебно не се случува. А сепак сакаме сензационалност, чуда, да бидеме нешто посебно… Но тоа не е христијанскиот пат. Богородица е тивка, служи мирно на Бог, повлечена, не бара знаци, таа се препушта на Бог и верува на неговото Слово. Не се двоуми.
Луѓето во Назарет биле сензационалисти, барале од Исус чуда. Имале слаба вера, биле себични, тврди срца. Натанаил ќе каже: Може ли нешто добро да излезе од Назарет? (Иван 1,46). Тие сакале знаци, чуда, материјални услуги, а Исус им нуди духовни дарови… Кога им говореше директно за нив сакаа да го погубат. Со такви луѓе Богородица го поминува својот живот.
Ние често пати друштвото го бираме, сакаме да биде со оние кои најмногу ни се допаѓаат, најдобрите, најбогатите, најславните…. Но обично се случува да се најдеме со оние кои не се најславни, најдобри, најбогати, кои нѐ предизивукуваат, ни создаваат потешкотии….Но Богородица не бега од нив, туку ги прифаќа и го донесува кај нив Бог. Така Бог и на нас ни дава луѓе, кои се жедни за Бог, кои можеби ни се спротивставуваат, но не треба да бегаме од нив, туку да ги сретнуваме да им го донесуваме Господ, да им го нудиме…. Не бега од струјата, туку оди против неа… Можеби ќе саакат материјални дарови, а Бог ни кажува дека жедта на човекот е за духовните дарови.
Дванаесетгодишниот Исус во храмот: Откако го најдоа Исус се развива дијалог помеѓу Исус и Богородица. „Синко, што ни направи така? Ете, татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.”. А Он рече: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?
Ова ни говори дека Бог мора да биде на прво место во нашите животи, нашето срце да биде кај него. Но поради тоа можеме да се доведеме во непријатности, недоразбирања. Но не е важно, важно е дека сме во заедништво со Бог. А зарем ние не треба да прифатиме дека нашиот живот треба да припаѓа на Господ, нему да му го посветиме, да биде таму каде е Отецот, во Црквата.
Свадбата во Кана: Исус прави чудо по заговор на Пресвета Богородица. Таа незабележано реагира и го моли својот Син да не прекине радоста на свадбата. Затоа го моли Богородица својот Син: Дај да имаат сѐ што им е потребно за да им биде радосен животот. Но дали имам доверба во Богородица. Дали и ги принесувам моите потреби, барања, дали правам сѐ она што ми говори Исус преку Словото. А Богородица ни вели направи сѐ што ќе ти каже? И она што ќе го побара Бог можеби некогаш ни изгледа премногу, невозможно, многу, необично… Но ако правиме она што ќе ни каже Бог, тогаш плодот е богат.
Богородица под Крстот: Од својата сокриеност, својата позадина Богородица излегува во прв план во најтешкиот момент за Исус. Го следи на Крстниот пат, стои под неговиот и нејзиниот крст. Она што на почеток го кажа на Господ: Нека ми биде според зборовите Твои, сега доаѓа до исполнување. Иако со болно, прободено срце, сепак прифаќа и со својот Син повторува: Оче, не мојата, туку нека биде Твојата волја.
Дали ги прифаќам тешките моменти од животот со вера, со надеж и поглед кон вечноста. Или можеби дозволувам да бидам заробен во очај, безнадежност, разочарување. Во тие моменти, Исус од крстот ни ја доверува својата Мајка: Ево ти Мајка! Ако ја прифатиме како наша Мајка, тогаш таа ќе биде наша застапничка кај својот Син и нема да дозволи да пропаднеме, туку да го пронајдеме патот до Исус, до нашето спасение.
А јас?!
Живееме во свет кој доживува огомни промени. Порано можеби се менуваа уредувања, системите на владеење. Но денеска живееме во една културна преобразба, која сака да го промени сфаќањето за светот, за животот, за човекот, за бракот… Да се промени целата антропологија.
Каква е денешната положба на жената покрај сите феминистички движења. Дали нејзината положба е подобрена! За жал не, туку напротив. Бројни женски движења и организации, кај нас и во светот го дигаат својот глас за правата на жените, но за жал се косат со христијанските сфаќања за човекот, животот, бракот… Човек кој е создаден според образ и подобие Божјо. (1 Мојсеева 1,26)
Никогаш во историјата претходно жената не била толку злоупотребувана како денеска, во блудничката индустрија,со понижено и уништено достоинство, мајка на која законот и дозволува да го убие свое дете во утробата, а од неодамна во Белгија и веќе родени деца да се евтанзазираат, убиваат; девојки кои уште од мали нивните мајки и медиумите ги учат да „уживаат во блудство и да си ја прават интересна“, стара бабичка, која е „технолошки вишок“ во семејството….
Не благодариме на таквиот напредок и штитење на женските права. Да се свртиме кон Богородица и да ја земеме како наш пример за вршење на волјата Божја и за извршување на нашето послание во светот. Земајќи ја неа за наш пример, таа ни го покажува патот до остварување на потполното достоинство на жената. А Исус, преку застапништвото на Богородица бдее над нас и нѐ благословува на нашиот пат до светоста.
Да молиме од Богородица да измоли за нас милост да им се придужиме и да можеме да одиме против струјата како што тоа го правеше таа заедно со нејзиниот Син.
Пишува: о. Гоце Костов