Исусе, сакам да те допрам

Исусе со своето Слово денес поминуваш покрај нас, околу Тебе мноштво народ кој Те опколи и Те притиска, сака да Ти се приближи, да Ти го кажат својот проблем, да Те слушаат. Ова гужва, како и моите проблеми ме гушат, сакам да Ти се приближам и барам начин да стигнам до Тебе, да Те допрам. Знам дека Ти ќе ме подигнеш од товарот на секојдневието, од товарот на болката. Иако не можам да Те допрам како онаа жена во Евангелието, сепак сум сигурна дека Ти ќе го почувствуваш мојот допир во молитвата. А јас ќе го почувствувам Твојот допир, Твојата милост, Твојата љубов во исповедта, каде што сè ми простуваш.

И кога се свртуваш кон МЕНЕ, Твојот поглед е милостив, ме охрабрувуваш со Твоите зборови: „Не бој се ќерко!“ Ја бараш само мојата вера и довербата во Тебе за да Ти се препуштам, мојот живот да го ставам во Твоите раце. Ти не брзаш никаде, сакаш да разговараме… имаш време и за Јаир кој те моли за својата ќерка. Имаш време и за многумина други….

Понекогаш се плашам да ти се приближам, постојат препреки кои стојат меѓу мене и Тебе. Како и жената во Евангелието, на многу други места го трошиме нашиот „имот“, нашето време, својата доверба ја подаруваме на погрешни луѓе, „и ниеден не може да нè излекува“. И денес кога поминуваш меѓу нас се плашиме да те повикуваме во својот дом, како што тоа го направи Јаир. Не сакаме да паднеме пред Твоите нозе и да Те молиме за да не подигнеш од духовната смрт и да ни дадеш живот. Остануваме во „нашата комотност“, многу пати,не сакаме ниту да Ти се приближиме. А Твоето присуство во нашите животи значи промена, нов живот, можеби со крст, но здрави од гревовите.

Пишува: Данче Ичева

За авторот