Потполн опрост за поклониците на Патот на Игнациј од Лојола
Со два декрета на Апостолската Покорница, Папата Фрањо додели потполн опрост за поклониците, кои за време на првата јубилејна година на „Патот на Игнациј од Лојола“, која започна денес, ќе ги посетат шпанските светилишта во Лојола и Манреса.
Со овој потполн опрост доделен неколку месеци пред почетокот на Годината на милосрдието, Папата Фрањо ги поканува сите да тргнат по стапките на Свети Игнациј од Лојола, за да се сретнат со милосрдниот Исус. Поклонички пат, познат како „Патот на Игнациј од Лојола“ е основан во 2012 година и го поминува географскиот и духовниот пат изминат од основачот на Заедницата на отците Исусовци, претставувајќи им ги на поклонениците импресивните пејзажи на баскиската автономна област, Ла Риоха, Навара, Арагон и Каталонија.
„Патот на христијанинот нѐ охрабрува да излеземе од себе, од љубовта кон себе, за да Го поставиме Исус во центарот на нашиот живот“, истакнува во неколку наврати папата Фрањо. „Овој пат не е лесен, бидејќи сме грешници: во нашиот живот има денови на мрак, на неуспех, на падови. Паѓаме, но треба да се плашиме од бездните. Во искуството на одење, не е важно да не се паѓа, туку да се исправиш веднаш и да одиш со силата и верата во Господ, бидејќи со Исус сè е можно“, забележува Светиот Отец.
Папата повикува овој пат да биде поминат „со заедницата, со пријателите“, бидејќи христијанинот не е изолирана личност: на централноста на Христос, одговара централноста на Црквата: тие се два огна, кои не можат да се разделат. Можам да Го следам Исус само во Црквата и со Црквата“. Папата го нагласува и значењето на „креативниот пат“, кој води до периферијата, до далечните, но секогаш се со Црквата, „со припадноста, која ни дава храброст да одиме напред, бидејќи да служиш на Христос, значи да се сака оваа конкретна Црква и да и служиш благородно и со послушност“.
Патот на Свети Игнациј – потсетува Папата – „е немирен пат, бидејќи гледа кон хоризонтот, кој е славата Божја. Го преминува оној што постојано Го бара Бог со немирно срце. Тоа е еден свет и убав немир“.
Папата Фрањо ја наведува „великодушноста“, како карактеристика на оној кој тргнува по овој пат. „Значи да имаш големо и храбро срце кое се залага за големи идеали. Но големо срце и во мали и секојдневни нешта“. Значи „да одиш со Исус со срце внимателно кон она што Исус ни го кажува секој ден. Затоа, тоа е пат на длабоко духовно преобраќање, кој нѐ прашува дали Го поставуваме навистина Исус во центарот на нашиот живот? Тоа е пат изминат од слаби и грешни луѓе, но кои сакаат да бидат освоени од Исус“.
РВ/В.Н.