Понизното прифаќање на Словото Божјо ги отвара срцата и го менува животот
Ватикан, 19.4.2013 /к.мк/ – Словото Божјо треба да се прими понизно, бидејќи тоа е Слово на љубов и само така влегува во срцата и го менува животот, тоа накратко беше главната мисла на папата Фрањо на19 април, на светата Литургија која ја служеше во капелата на домот Света Марта, а на која беа присутни вработени во Ватиканската печатница и дневниот весник Осерваторе Романо.
Преобраќањето на свети Павле и Исусовиот говор во синагогата во Кафернаум, се библиските читања на денешната Литургија, на која папата Фрањо во проповедта посветана во целост на Исус рече: „Исус му зборува на Савле кој го прогонува, му зборува на Ананија, кој е повикан да го прифати Савле, им зборува и на закониците, велејќи им дека кој не го јаде Неговото Тело и не ја пие Неговата Крв нема да биде спасен. Исусовиот глас минува низ нашиот ум и доаѓа до срцето, бидејќи Исус го бара нашето преобраќање“.
Павле и Ананија одговараат збунето, но со отворени срца. Закониците, пак, одговараат на друг начин, разговарајќи меѓусебно и приговарајќи остро на Исусовите зборови. Павле и Ананија, објасни Папата, одговараат како големи луѓе во историјата на спасението, исто како Еремија и Исаија. И Мојсеј имал потешкотии: „Но Господи, јас не знам да зборувам, како ќе одам да го кажам тоа на Египјаните?“ Исто така и Богородица: „Но, Господи, јас не познавам маж!“, напомна Папата и објасни дека тоа е одговор на понизност, одговор на оној кој Словото Божјо го прифаќа со срцето. Закониците пак, напротив, одговараат само со главата. Не знаат дека Словото Божјо доаѓа до срцето, не познаваат преобраќање.
Објаснувајќи дека оние што одговараат само со главата се големи идеолози, папата Фрањо истакна дека Исусовото Слово доаѓа од срцето, бидејќи тоа е Слово на љубовта, тоа е убаво Слово и носи љубов, дава и ние да љубиме. Идеолозите, напротив, според зборовите на Папата, го прескокнуваат патот како на љубовта така и на убавината. Почнуваат остро да се расправаат помеѓу себе: „Како може овој да ни го даде своето тело за јадење?“ Сето тоа е проблем на разумот! А кога во Црквата влегува идеологијата, кога идеологијата влегува во разумот на Евангелието, повеќе ништо не се разбира, рече папата Фрањо.
Тоа се тие кои одат само по патот на должноста; тоа е морализмот на тие кои од Евангелието сакаат да го остварат само тоа што го разбираат со главата. Тие не се на патот на тоа преобраќање на кое не повикува Исус. Тие, на патот на должноста, ставаат сѐ на патот на верниците, посочи Папата. Идеолозите го искривуваат Евангелието. Секое идеолошко толкување, од која и да е страна дојдено, претставува кривотворење на Евангелието. И тие идеолози, кои сме ги сретнале во историјата на Црквата, на крајот стануваат интелектуалци без талент, етичари без добрина. А за убавината не треба дури ниту да зборуваме, бидејќи не разбираат ништо, заклучи Светиот Отец.
Напротив, патот на љубовта, патот на Евангелието, е едноставен, тоа е оној пат кој го разбраа светците, истакна Светиот Отец и додаде: „Светците се тие што ја водат Црквата напред! Тоа е патот на преобраќањето, понизноста, љубовта, срцата, тоа е патот на убавината“. Папата на крајот посака Господ да ја ослободи Црквата од било какво идеолошко толкување, и срцето на Црквата да се отвори на едноставното Евангелие, она чисто Евангелие што ни зборува за љубов, кое ни носи љубов, и кое е толку убаво! Евангелие кое нѐ прави убави, со убавината на светоста.