Кардинал Паролин: Папата ќе донесе надеж на Ирак за дијалог и обнова

Кардинал Паролин: Папата ќе донесе надеж на Ирак за дијалог и обнова

Ирак се подготвува да го прими наследникот на Свети Петар. Во интервју за ватиканските медиуми, државниот секретар на Светиот Престол посака на оваа долгоочекувана посета духовно и материјално повторно раѓање за ирачкиот народ.

Продолжувајќи со меѓународните апостолско патувања по повеќе од една година пауза, Светиот Отец ќе отпатува во Ирак за да ги утеши оние кои поминаа низ страдања во последните години како резултат на прогонства, војни и насилства предизвикани од таканаречената Исламска држава и да продолжи да се гради патот на братството и мостовите на дијалогот. За прв пат во историјата, Римскиот бискуп ќе го посети Ирак. Земјата која го роди Авраам и е дом на една од најстарите христијански заедници, сè уште носи неизлечени рани од војната и страда од сиромаштија, тероризам и пандемијата од Ковид-19. Државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин, во интервју за ватиканските медиуми, ја истакна важноста на ова патување, потенцирајќи ја неопходноста на соработката за обнова на земјата и заздравување на сите рани за да започне нова фаза.

Корените на братството

Во една од своите проповеди за време на посетата на Ирак за Божиќ 2018 година, кардиналот Паролин истакна дека „христијаните и муслиманите се повикани да ја растеруваат темнината на стравот и недостатокот на непознавање“. Во едно интервју, тој забележа дека овие зборови се актуелни и денес и тие се во согласност со мотото на патувањето на Светиот Отец: „Сите вие сте браќа“. Ова братство, рече тој, произлегува од фактот дека „ние сме деца на еден Татко“ и од ликот на Авраам, кој го признаваат и христијаните и муслиманите и кој е роден во Ирак и таму доби повик од Бог. Ова братство, како што нагласи кардиналот, треба да резултира со заеднички напори насочени кон растерување на темнината, која сè уште постои.

Државниот секретар на Светиот Престол истакна дека фокусот на четиридневното патување на Папата во Ирак ќе биде порака на надеж за иднината. Во сложениот контекст во кој се наоѓа целото општество и Црква, многу е важно да се промовира меѓурелигискиот дијалог. „Сепак, тешкотиите“, рече тој, „можат да се надминат ако постои добра волја и желба од сите да се обединат и да соработуваат за обновата“.

Меѓурелигиски дијалог

Споделувајќи ги своите ставови за значењето на средбата на папата Фрањо со големиот ајатолах Саид Али ал-Систани на 6 март, кардиналот Паролин истакна дека „ал-Систани е една од најсимболичните и најзначајните личности во шиитскиот свет“; тој секогаш повикувал на мирен соживот во Ирак, изјавувајќи дека сите етнички и религиозни групи се дел од земјата. Така, оваа средба одговара на желбата да се придвижи кон градење братство меѓу христијаните и муслиманите, што треба да ја карактеризира оваа земја. „Значи, ова е навистина важен момент“, рече тој, „и мислам дека дефинитивно ќе биде еден од најважните моменти на посетата на Папата на Ирак“.

Христијаните во Ирак

Во врска со состојбата на христијаните во Ирак, од кои многумина (над милион) ја напуштија земјата во последните неколку години, кардиналот Пиетро Паролин рече дека за нив е многу важна поддршката на Папата. Да се живее христијанскиот повик во оваа реалност е многу тешко, и затоа, според кардиналот, Папата ќе ја охрабри Црквата во Ирак „да биде храбра, способна да сведочи“, бидејќи без христијаните Блискиот Исток би изгубил дел од својот идентитет.

Пораката за мир и обнова на Ирак

За ирачката влада посетата на папата Фрањо е пред сѐ и порака за мир. Обновата на стабилноста, дијалогот и мирниот соживот по повеќегодишно уништување и насилство е голем предизвик за владата и општеството како целина.

Според државниот секретар на Светиот Престол, ова бара пред сè единство: треба да се обединиме и да соработуваме, но тоа бара и прошка и помирување. Во исто време, потребно е да се преземат мерки против нетолеранцијата, кои за жал сè уште ги карактеризираат големи делови од општеството, борба против корупцијата, нееднаквоста и дискриминацијата, така што секој може да го најде своето место во општеството и да се чувствува како граѓанин на земјата со еднакви права, одговорности и должности, секој со сопствениот придонес во обновата.

Како заклучок, кардиналот Паролин посака долгоочекуваната посета на Светиот Отец на Ирак да биде момент на материјално и духовно повторно раѓање за ирачкиот народ, исто така влијаејќи на целиот регион, за што се потребни добри примери.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот