Ангел Господов: Светоста не е привилегија резервирана за малкумина

Ангел Господов: Светоста не е привилегија резервирана за малкумина

Во својата порака по повод празникот Сите Светии, папата Лав XIV потсети на безбројните светци кои го посветиле својот живот на Христос и нагласи дека сите сме повикани на светост, правејќи избори на љубов што го надминуваат злото.

Секој верник е повикан на светост, што значи да дозволиме љубовта и мирот во нашиот живот да победат над злото и алчноста, рече папата Лав XIV за време на молитвата „Ангел Господов“ во недела, 1 ноември 2026 година, на празникот Сите Светии.

Светоста значи, со Божјата благодат, да правиме „дела и избори на љубов што ги надминуваат пресметките на алчноста и надменоста на злото, кое понекогаш изгледа дека преовладува“, нагласи Папата, обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“ од прозорецот на Апостолската палата.

„Никогаш да не се заморуваме да го негуваме мирот, како во најважните ситуации, така и во обичните околности на секојдневниот живот“, порача Светиот Отец.

„Светоста не е привилегија резервирана за малкумина“, објасни Папата, „туку универзален повик упатен до секој од нас, таму каде што живееме“.

Тој нагласи дека „пораката исполнета со надеж“ на овој празник е дека „Бог го гледа доброто што ние не го гледаме, знае настани што ние не ги знаеме и допира до срца до кои ние немаме пристап“.

Мноштво браќа и сестри кои го шират доброто

Во својата порака, папата Лав потсети и на „безбројното семејство мажи и жени кои“, следејќи го Христос, „го направиле својот живот дар за Бога и за своите ближни“.

Тука не станува збор само за светителите кои Црквата официјално ги признала, туку и за „безброј други“ луѓе од различни средини, култури и животни околности, кои можеби никогаш нема да бидат познати, истакна Папата.

„Невозможно е да се изброи ова мноштво браќа и сестри, и тоа не само во бројчена смисла“, објасни тој, бидејќи „светоста не може да се сведе на никаква пресметка, исто како што не може да се измери доброто што сите светци го шират околу себе во светот“.

Осврнувајќи се на Евангелието на денот, Папата понуди патоказ за сите верници, објаснувајќи што ги одликува светците.

Тие се „сиромашни по дух, но богати со Божјата љубов. Нивните лица се натопени со солзи, но тие наоѓаат утеха во молитвата. Кротки се пред насилството, а Отецот ги наградува. Гладни се за правда, а во длабочината на својата совест се исполнети. Подготвени се да простуваат и да примаат милосрдие. Разоружани се во срцето, но Бог ги штити. Тие се миротворци, кои Бог ги повикува по име. Прогонувани се и навредувани, но остануваат силни во верата и милосрдието“.

Ваатикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот