По иницијатива на Папата на 1 септември во Рим ќе се игра меѓурелигиски фудбалски натпревар

Меѓурелигиски фудбалски натпревар за мир и за религиска и расна интеграција, во чест на папата Фрањо, тоа е иницијатива што беше претставена на 25 август во седиштето на Радио Ватикан. На прес конференцијата, меѓу останатите, присуствуваше монсињор Гулермо Ксавиер Карчер, претставник на Државниот секретаријат и папски церемонијал, бившиот фудбалер Ксавиер Занети и двајца играчи од италијанските клубови Лацио и Рома.

Натпреварот ќе се одигра на 1 септември со почеток од 20.45 часот, на Олимпискиот стадион во Рим. На теренот ќе излезат две екипи на прваци, но не една против друга, туку заедно за мир. Во иницијативата учествуваат играчи од различни националности. Средствата собрани од натпреварот ќе биде наменет за проектот наречен „Алтернатива за животот“, поттикнат од институцијата Сколас Окурентес (Scholas Ocurrentes), образовна институција која посебно ја претпочита папата Фрањо и фондацијата Пупи (Pupi), формирана од бившиот аргентински фудбалер Ксавиер Занети заедно со својата сопруга.

На прес конференцијата монсињор Карчер ги пренесе поздравите на папата Фрањо. Утрово, додека разговарав со Светиот Отец за оваа средба со вас, ми рече да ви заблагодарам поради тоа што се приклучивте кон оваа иницијатива која треба да биде уште еден предизвик за мирот, рече монсињор Керчер. Како што е познато папата Фрањо даде предлог за огранизирање на меѓурелигиски натпревар, пријателски натпревар меѓу играчи од сите клубови и од сите религии и христијански конфесии.

Фондацијата Сколас Окурентес има намера да изгради мрежа за взаемна размена на воспитувачки нацрти и вредности, за да се подржи културата на средби и културата на мирот, напомена монсињор Керчер и објасни дека поради тоа Папата сакаше пред секој натпревар, на симболичен начин да се засади маслиново дрвце. Исто како она што тој, кога уште беше надбискуп на Буенос Аирес, во текот на Јубилејната 2000 година, го посади на плоштадот Плаза де Махо, заедно со седум илјади ученици од високите училишта, и во присутност на претставници од другите религии, истакна монсињор Керчер.

А како дојде до идеја за еден ваков натпревар, поттикната од Светиот Отец, објасни, во разговор за Радио Ватикан бившиот фудбалер Ксавиер Занети, и кажа дека за идејата станало збор на разговорот кој тој го имаше со Светиот Отец, кога, заедно со своето семејство, приватно се сретна со Светиот Отец. Тогаш разговаравме за многу други работи, па во разговорот се роди оваа идеја да се организира натпревар кој ќе упати силна порака за мир. Мислам дека најважно е тоа дека овој натпревар се игра за мир во светот, истакна Занети.

Истакнувајќи дека тоа ќе биде прв меѓурелигиски натпревар, Занети изрази надеж дека таа ќе биде појдовна точка за ширење, со спортот, пораката што папата Фрањо ни ја дава како задача да ја изразиме. На забелешката на еден новинар дека спортот е идеално средство за говор за мирот, но дека и во спортот е потребен мир, Занети истакна дека треба да се тргнат настрана полемиките што нѐ водат кон ништо и да се посвети внимание само на сето она убаво што спортот може да го понуди. На крајот истакна дека верата во неговиот живот, како и во кариерата, била секогаш важна. Верата ме следи откога се служам со разумот. Таа е дел од мојот живот и ја живеам заедно со моето семејство, истакна бившиот фудбалер Ксавиер Занети.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот