Песна за Витлеемската љубов
Францускиот филозоф Пол Валери еднаш кажал дека „песната никогаш не е завршена, само е напуштена. Веднаш помислив на песната на Божјата неизмерна љубов која свири во витлеемската пештера – постојано две илјади години. Таа е тивка, мирна, нежна, но одекнува во целиот свет – како порано така и денес. Се поставува прашањето, можам ли јас да ја слушнам таа тивка и мирна песна во своето секојдневие, која мирно свири и повикува да одам и да видам, како пастирите, кои во полето го чувале своето стадо. „Не бојте се“, рече ангелот Господов. „Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.“ (Лк 2,10-12). И отидоа да му се поклонат.
На тие пастири им бил сосема обичен ден како и секој друг сѐ додека ангелот не им го навестил настанот кој нивниот живот но и животот на целиот свет ќе го промени. Тивко, но силно доаѓа Бог. Слична била ситуацијата и кај Мојсеј кога ги чувал овците на таткото на неговата жена Јотор свештеникот мадијамски. Светото Писмо вели дека еден ден тоа стадо Мојсеј го одвел во пустина и отишол на гробот на Хореб. И нему тогаш му се објавил ангел Господов како на пастирите само што овде ангелот се покажал во огнен пламен што горел од грмушка. Мојсеј се чудел бидејќи грмушката горела во пламен, но не изгорела. Па, како е тоа можно? Одам од блиску да ја видам таа ретка појава зошто грмушката сепак не изгорува, рече Мојсеј.
Овие денови ќе ја посетуваме Црквата можеби од љубопитност: како ќе се роди Исус? Како да ја сфатам таа „ретка појава“? Зошто тоа христијанство веќе две илјади години живее, а сепак не изгорува? Или, Исус ќе се роди. Како? Каде? Сите ќе нè води она ѕвезда која ги водела пастирите кон Витлеем (Мт 2,2) но, овој пат ќе нè насочи да нурнеме во сопствената внатрешност, со погледот на јаслите во нашите срца. Тука ќе се роди Исус, да токму тука. Со зборовите на Мојсеј „Еве ме Господи“ (2Мој 3,4) Исус доаѓа, а ангелот Господов навестува: „ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.“
Прашањето кое самиот на себе си го поставувам: дали сакам ова година, овој Божиќ со отворено срце да кажам: „Еве ме Господи!“ Дали ќе Го најдам Исус во јаслите на своето срце? Или сите тие денови ќе поминат, а срцето ќе остане празна јасла, а со тоа и празнина…? Се надевам дека јас, а тоа ти го посакувам и тебе овој пат ќе имам мир, смиреност и љубов да ја слушнам таа вечна песна на Божјата љубов за да не остане напуштена, но уште повеќе заради мојата „глувост“ да ги напуштам и да се одделам од Виитлемската штала во која се роди Бог.
Песната не е завршена. Дали сакаме да ја слушнеме нејзината мелодија во бучавата на овој свет?
Блог на Марио Трифуновќ/Превод: Д.И.