Патер Ломбарди за третиот ден од синодата (8.10.2014)

Црквата е зрак кој го следи народот во одењето – рече патер Ломбарди, директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, на брифтингот со новинарите одржан на 8 октомври, третиот ден од Епископската синода посветена на семејството. На неа меѓу останатото, истакнато е дека во текот на работата вчера попладне и денес претпладне имало многу излагања и сведоштва од Африка.

Во расправите на епископите – рече патер Ломбарди – централна тема беше кризата на верата во семејствата. Кризата на семејствата во Црквата, како и кризата на христијанските семејства во општеството, поврзана е со општата криза на верата во ова време. Забележано е дека треба да бидеме внимателни и да потсетиме дека верата не значи само прифаќање на содржината, поуката, туку верата пред сѐ е лично придружување до Исус, средба и сојуз со Христос – истакна директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Затоа епископите истакнаа дека е потребно да се довериме на Бог, а не да се препуштиме на самите себе. Во повеќе излагања се зборуваше за довербата која треба да ја имаме во Божјата милост и во таа смисла често се зборуваше за важноста на молитвата и духовноста во семејниот живот. Освен тоа, истакната е слабата вера на многу крстени, која често води до брак, а младенците не се доволно свесни за неговата важност. Врската помеѓу Крштението и Бракот – истакнаа епископите – не може да биде само културолошка традиција или општествена потреба туку треба да биде сфатена како одлука за повикот.

Честа тема – рече патер Ломбарди – е односот помеѓу вистината и милосрдието; помеѓу верноста на науката и учителството на Црквата и внимателноста кон конкретни проблеми, конкретни трпења на многу луѓе. Се зборуваше за приликите во кои живееме како за култура на слобода, во која треба да се работи за да ја предложиме науката.

Потоа се зборуваше за службата која Светиот Престол ја врши на меѓународен план за поддршка на семејството и исправното гледање на таа реалност во однос на идеологијата која што сака да го ослабне, и да внесе во општеството противвредности кои го искривуваат гледањето на бракот како заедница на маж и жена. Критични точки се и кризата на вредности, атеистичкиот секуларизам, хедонизмот, желбата за моќ, кои – истакнато е на синодата – денес го уништуваат семејството, го отуѓуваат, ги ослабуваат луѓето и така го прават слабо и општеството. Затоа епископите поттикнаа, посебно младите, на мисионерство.

Семејството е истакнато како место на убавина, врски и колевка во која се раѓаат звања. Семејството исто така е место на прифаќање на ранливите и слаби луѓе, посебно болни и стари, како место на нежност и утеха во страдањето. Бројни излагања – рече патер Ломбарди – беа посветени на Африка и Блискиот Исток кои живеат во тешки политички, економски и верски прилики и каде што треба да се поттикнат на патиштата на мирот и праведноста. Во Африка се присутни бројни предизвици како полигамија,левират, секти, војни, сиромаштво, болни драми на миграција како и меѓународни притисоци за надзор над раѓањата.

Што се однесува пак до неразрешливоста на бракот, епископите истакнаа како изгледа дека законот денес се спротивставува на добрите луѓе. Всушност, вистината на брачната врска и нејзината стабилност запишана е во самиот човек – истакнаа епископите. Затоа не станува збор за спротивставување на законот и луѓето, туку за спознанието како да се помогне за да не се изневери сопствената вистина.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот