Патер Ломбарди за понтификатот на папата Фрањо во 2014 година
Оваа 2014 година за папата Фрањо беше исполнета со многубројни важни настани, но тоа што најмногу остана печат во срцето на луѓето, можеби се секојдневните призори на Папата меѓу луѓето, неговите прегратки и тоа посебно со децата и болните. Токму на тие случувања во разговор за Радио Ватикан се осврна отец Федерико Ломбарди, директор на Ватиканската прес служба, почнувајќи од меѓународните патувања на Папата: во Светата Земја, Кореја, Албанија, Стразбург и Турција
Отец Ломбарди пред сѐ изрази големо задоволство поради тоа што папата Фрањо можеше да отпатува во Светата Земја, исто како и своите претходници, бидејќи тоа на некој начин, претставува враќање на корените на нашата вера, на корените на христијанството, на местата на историјата на спасението, нешто што има посебна симболичка и духовна сила.
Потоа отец Ломбарди ги истакна различните гледишта на сите тие патувања, а еден од тие е екуменизмот. Овде отец Ломбарди ја спомна средбата со патријархот Вартоломеј, средба која го покажува силното пријателство и личниот однос на папата Фрањо со првиот меѓу православните патријарси, што претставува знак на надеж за нашиот иден екуменски од. Потоа, многу важна е Азија; Папата годинава беше во Кореја, а за неколку недели оди во Шри Ланка и на Филипините.
Неговиот претходник не можеше да оди во Азија, забележа отец Ломбарди и додаде дека тие Папски патувања го покажуваат големото внимание на Црквата кон тој дел од денешното и идното човештво, и тоа, исто така и од демографски аспект, од гледиште на воодушевувачка човечка присутност што се однесува до неговата димензија и динамика. А за Црквата, тоа е безграничен терен за евангелизација, за навестување на Евангелието во многу, различни, културни, општествени и политички прилики, кои, често се многу тешки. Не треба да се занемари и економската димензија, рече отец Ломбарди истакнувајќи го краткото патување на Папата во Албанија и во Стразбург.
Посебно, што се однесува до патувањата, отец Ломбарди ја истакна димензијата на мачеништвото. И во Кореја, каде историјата на Црквата е обележана со мачеништво и во Албанија, каде мачеништвото неодамна, за време на комунизмот, било многу силно, како и на Блискиот Исток, каде мачеништвото претставува актуелност, Папата се среќава со тоа и навистина нѐ потсетува на актуелноста на таа димензија во животот на Црквата во сите времиња, па така и во нашево.
Меѓу димензиите на Папата, кои се вредни за истакнување годинава, е димензијата на меѓурелигискиот дијалог, димензија која во Турција имаше свое остварување, кое продолжи и во Албанија, но и во други прилики. Изгледа дека Папата е свесен и за состојбата на исламот во современиот свет, па така настојува да пронајде пат за конструктивен однос, исто така, и дијалог доколку е тоа можно.
Говорејќи за канонизацијата на Иван Павле II и на Иван XXIII, како и за беатификацијата на Павле VI, отец Ломбарди истакна дека заеднички именител на тие настани е актуелноста на Вториот ватикански собор, кој беше во центарот на животот и службата на сите тројца папи. Ми се чини дека тие два настана, беатификацијата и канонизацијата, го поставуваат исто така,понтификатот на папата Фрањо на трагата од неговите претходници, во големата рамка на Вториот ватикански собор и неговото остварување во наше време.
Вонредната Синода посветена на семејството, отец Ломбарди го нарече голем потфат и истакна дека Синодата претставува еден од пасторалните и црковните потфати кои ги поттикна Папата. Можеби и најважен потфат во смисла дека навистина го допира животот на сите луѓе: животот на верниците, но и животот на сите луѓе денес, бидејќи прашањето на семејството, евангелизацијата на семејната реалност е нешто што се однесува токму на доброто, на центарот на животот на секоја личност, на мажите и жените на нашето време.
Станува збор за многу храбар потфат – додаде отец Ломбарди – бидејќи Папата стави на маса тешки и чувствителни теми; што навистина е и потребно. Со право беше истакнато дека и другите папи, на почетокот на нивниот понтификат, ја избирале темата семејство како тема за работа на Синодата, како и важна тема за нивната пасторална служба – истакна директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.
Што се однесува за другите теми, многу драги на папата Фрањо, како што се мирот, правата, сиромашните, искористуваните лица, ропството, прогонетите христијани… о. Ломбарди истакна дека Светиот Отец на самиот почеток од својот потификат изјави дека сака да мисли на сиромашните и на периферијата, на сите луѓе кои страдаат, бидејќи и тие имаат право на нашето внимание; на нашата солидарност, на соучество во нивните проблеми. Оваа година имаме многу драматична ситуација на Блискиот Исток, со многу луѓе – христијани и не само тие – кои мора да бегаат, да ги напуштат своите домови и сега страдаат како бегалци, или пак се жртви на директно насилство. Тоа постојано се повторува во апелите на Папата, како и во писмото кое два дена пред Божиќ го испрати на христијаните од Блискиот Исток.
Меѓутоа, има и други теми за кои повеќе пати се зборувало и на кои Црквата им посветил повеќе внимание. На пример, да ја земеме темата од пораката на Папата за овогодишниот Светски ден на мирот, против новата форма на ропството – рече о. Ломбарди – против трговијата на луѓе, против многубројните други форми на насилство и ропство… Би рекол дека, што се однесува до тоа, Папата во Црквата – меѓу луѓето со добра волја – воведе вистинска мобилизација.
На новинарско прашање која е смислата на реформата која папата Фрањо ја посакува, отец Ломбарди рече дека Папата, уште на почетокот на својот понтификат, покрена нацрт реформа за Римската курија која, сепак, треба добро да се разбере. Ова е само дел од многу опширниот нацрт за обновата на Црквата, кој Светиот Отец го изложи во Апостолската енциклика ‘Евангелии Гаудиум’, односно за Црквата која излегува; за мисионерската Црква, за Црквата која целосно е предадена на евангелизацијата, но и за Римската Курија која е во нејзина служба, таа е алатка за помош на Црквата во нејзината мисија – истакна отец Ломбарди.
Размислувањето и советувањето во поглед на реформите за Куријата, од организациски карактеристики, продолжува и тоа редовно, веќе прилично долго време. Но, она што мислам дека е многу важно е дека за Папата центарот за секоја реформа е во внатрешноста; реформата сепак почнува од срцето (…) Реформата е вечна тема на христијанскиот живот – тема за обраќање на христијаните – и како таква не смее да биде површна, ниту едноставно организациска. Папата во повеќе наврати нагласи дела проблемите не се првенствено логистички и организациски, туку се внатрешни и подлабоки. Затоа и говорите кои Папата пред Божиќ ги одржа на членовите на Куријата и на вработените во Ватикан, како и оној говор на крајот од синодата посветена за семејството – според зборовите на директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол – укажуваат големо внимание на папата Фрањо за оздравување на внатрешноста на срцето. Мислам дека е многу важно да се разбере дека секоја вистинска реформа во животот на Црквата е долготрајна; важно е само да се пронајде вистинскиот почеток во внатрешноста на срцето, обновени во светлината на Евангелието – истакна отец Ломбарди.
На новинарско прашање кој збор на папата Фрањо најдобро го обележува оваа година, отец Ломбарди рече дека поимот кој со време е се подобро разбран и во него се повеќе се забележува клучното значење на „културата на средбата“. Папата Фрањо, всушност, со другите се однесува како луѓето што се среќаваат со другите, а при тоа самиот себе се става во игра. Така се овозможуваат темелни средби и поттикнуваат на нови потфати и разговори, кои можеби биле во застој, во споредба со дотогашните кои биле површни или на формално ниво. Сличен е и начинот на кој Папата се однесува и со големите достоинственици – спомна на крајот директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.
РВ/В.Н.+З.А.