Папата на Ангел Господов: Витлеемската радост и смртта на Свети Стефан се поврзани

Папата на Ангел Господов: Витлеемската радост и смртта на Свети Стефан се поврзани

Во Црквата денес се слави свети Стефан, кој прв ги следеше стапките на божествениот Учител, кој умирајќи го довери својот живот на Бог и простувајќи им на своите гонители – рече папата Фрањо на молитвата Ангел Господов на 26 декември 2018 година, на празникот на првомаченикот на Црквата. Не е необично да се поврзи празникот на свети Стефан со раѓањето на Исус – тоа јасно го истакна папата Фрањо.

Повик за нас

Однесувањето на Стефан е повик упатен на секој од нас, со вера да примиме од рацете на Господ сѐ она што ни го подготвува животот, она позитивното, но и негативното. Препуштањето на Господ ни помага да ги прифатиме тешките моменти и да ги живееме како можност за раст во верата и за изградба на нови односи со браќата. Да се препуштиме во рацете на Господ, за кого знаеме дека е Отец богат со добрина кон своите деца.

Однесувањето на Стефан

Првиот млад маченик во историјата на Црквата освен тоа што, како Исус, својот живот го довери на Бог, тој им прости на своите непријатели и се молеше за нив. Тоа негово однесување нѐ повикува од него да научиме да простуваме – додаде Папата. Првомаченикот Стефан ни го покажува патот кој треба да се помине во меѓусебните односи во семејствата, во училиштето, на работното место, во парохијата, како и во разни заедници. Логиката на простување и милосрдие секогаш победува и отвора хоризонти на надеж. Меѓутоа, простувањето се развива со молитва, која ни помага да имаме поглед упатен на Исус.

Сила на молитвата

Свети Стефан успеал да прости, преку силата која ја добивал од молитвата; таа сила му помогнала да се соочи со мачеништвото, а таа може да ги оздрави нашите слабости. Мораме постојано да се молиме на Светиот Дух да ни подари сила, која ги оздравува нашите стравови, нашите слабости, нашата маленкост – истакна Светиот Отец.

Поздравувајќи ги на крајот присутните ходочасници повторно посака размислувањето за Детето Исус, со Марија и Јосиф во нив да поттикне чувства на братство и солидарност во семејствата и заедниците.

Потоа Папата се заблагодари на сите кои му го честитале Божиќ и рече дека овие денови примил многу честитки од Рим и други места од светот. Не можам да одговорам на секој посебно. Заради тоа денес на сите вам ви искажувам искрена благодарност, посебно за дарот на молитва – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот