Папата: Црквата е повикана да го навестува Христос

Папата: Црквата е повикана да го навестува Христос

Црквата во сите времиња е повикана да го прави тоа што го правел Иван Крстител – на луѓето им укажувал на Исус зборувајќи: „Еве Го, Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ – порача Папата за време на пладневниот наговор на верниците на 15 јануари 2017 година на плоштадот Свети Петар.

Во фокусот на неговото размислување беше делот од Евангелието според Иван (Ив 1, 29-34) во кое свети Иван Крстител го нарекува Исус Јагне Божјо.

Папата застана на овој дел и ги повика присутните да се замислат на сцената на брегот на реката Јордан каде дошло мноштво за да ги крсти Иван. Иван Крстител навестува дека Царството небесно е близу и ги повикува луѓето да се подготват, да се преобратат и да постапуваат праведно. Започнал да ги крштева, за да им понуди на луѓето конкретен начин на покора. Светиот Отец рече дека на Иван му е објавено дека ќе го препознае Месијата: Светиот Дух ќе слегне на Него и ќе остане на Него. А за разлика од Иван, Месијата ќе го донесе вистинското Крштение: Тој ќе крштева со Светиот Дух.

Папата Фрањо потсети на минатата недела кога го славевме Крштението Господово. Тогаш имавме можност да го гледаме Исус Кој заедно со останатите грешници чека во редот за Иван да Го крсти. И штом Исус излегол од водата Светиот Дух слегнува на Исус во облик на гулаб, а гласот на Отецот објавува дека Тој е Неговиот возљубен Син (Мт 3, 16-17). На Иван му е објавен знакот кој го чекал: Исус е Месијата! Но, тоа се случило на толку неверојатен начин: Исус е меѓу грешниците, се крстил како нив, всушност за нив. Сепак Светиот Дух го просветлува Иван и му овозможува да сфати дека така се исполнува праведноста Божја, така се остварува планот за спасение: Исус е Месијата, Царот Израилев, но не со моќта на овој свет, туку како Јагне Божјо, Кое на себе ги зема и зема гревовите на светот.

Светиот Отец истакна дека некои од првите ученици на Исус пред тоа биле ученици на Иван. А им ги знаеме и имињата: Симон – Петар, неговиот брат Андреј, Јаков и Иван. Сите тие биле рибари; сите биле Галилејци како Исус. Потоа Папата откри зошто застана токму на таа сцена: затоа што е пресудна! „Пресудна е за нашата вера; а исто така пресудна е за посланието на Црквата. Црквата во сите времиња е повикана да го прави она што го правел Иван Крстител – на луѓето им го укажувал Исус зборувајќи: „Еве Го, Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот!“ рече Папата.

„Тие се зборови – продолжи Светиот Отец – кои ние свештениците ги повторуваме секој ден за време на светата Литургија, кога на луѓето им го нудиме лебот и виното кои се претвориле во Телото и Крвта Христови. Овој литургиски чин го претставува целокупното послание на Црквата, која не се навестува самата себе, туку Христос; таа не се донесува самата себе, туку Христос. Бидејќи Тој и единствено Тој го спасува својот народ од гревот, го ослободува и го води во земјата на животот и слободата. Нека Дева Марија Мајката на Јагнето Божјо ни помогне да веруваме во Него и да Го следиме“, рече на крајот од наговорот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот