Бискупот Стојанов во Копер учествува на форум за мир

Бискупот Стојанов во Копер учествува на форум за мир

По покана на Словенската бискупска конференција, Скопскиот бискуп и Струмичко скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов на 17 јуни 2023 година учествува во Копер на Форумот за мир и дијалог на Балканот, насловен: Мир на тебе Европо, мир на тебе Балкане!“, на кој имаше обраќање до учесниците на форумот.

Линк на Facebook за повеќе фотографии

Епископот Стојанов заблагодарувајќи се на организаторите за можноста што може да ги сподели своите размислувања за проблемите и знаците на надеж за мирот во Македонија, ја истакна важноста на соработката и разбирањето меѓу различните верски заедници.

Понатаму бискупот Стојанов рече дека прашањето за мир е многу комплексно и одговорот не може да се ограничи само на отсуство на физичко насилство и молчење на оружјето и додаде: „Во сите епохи од историјата на човештвото мирот е постојано загрозен или под закана, односно човештвото е во постојана секојдневна борба за остварување и одржување на мирот. За жал не секогаш успева во тоа, а пример за тоа е актуелната војна во Украина.“

Зборувајќи за проблемите и знаците за надеж на мирот во Македонија, ги истакна предизвиците на патот со кој се соочуваат и сите останати земји, бискупот Стојанов ја нагласи отежната европската перспектива на земјата, поради кој е загрозен мирот: „Историските прашања со соседните земји, членки на Европската унија, при што се прекршуваат основните човекови права и европските вредности, а тоа ја попречува европската перспектива на земјата, придонесува за неизвесност, несигурност и го загрозува мирот. Па од тука, мора да бидеме и реални, поради непринципиелната политика на одредени земји членки на ЕУ, населението во Македонија постепено ја губи надежта за европската иднина. Па наместо Македонија да биде дел од Европската Унија, што досега требаше да се случи и каде што природно, културолошки и географски припаѓа, населението започна да емигрира во земјите на ЕУ, а тоа наметнува други проблеми во земјата со социјална, економска, демографска и друга природа кои можат исто така да го загрозат мирот на земјата.“

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски бискуп Стојанов ги истакна двете сериозни воени закани, кои Македонија во 1990 и 2001 година успешно ги избегна при што рече: Би можеле да кажеме дека Македонија има успешна историја за избегнување на војна и промовирање на мирот, а се должи на долгата историја на соживот и коегзистенција на различни етнички заедници. Иако постојат разлики и можни потенцијални конфликти, етничките односи во земјата остануваат стабилни и покажуваат желба за мирен соживот и соработка.

Како конкретен пример на добра пракса и соработка меѓу различните верски заедници бискупот Стојанов го истакна Меѓурелигискиот совет во Македонија, кој е составен од претставници на верските заедници застапени во Уставот: Македонска православна црква – Охридска архиепископија Јустинијана Прима, Исламска верска заедница, Католичка црква, Евангелско  методистичка црква и Еврејска верска заедница, чија што цел е да се промовира дијалогот, разбирањето и соработката помеѓу верските заедници и да се создаде атмосфера на меѓусебно почитување и мирен соживот.

Во своето обраќање до присутните учесници на форумот бискупот Стојанов истакна дека мирот е таму каде што е Бог, надополнувајќи дека отсуството на Бог од општеството донесува немир и рече: Можеме да ги бараме причините за враќањето на војната во Европа, да донесуваме анализи и стратегии за мир. Но најпрво Европа треба да се врати на христијанските корени и вредности, вклучувајќи го и повикот на папата Фрањо за човечко братство: „Мирот извира од братството, расте преку борбата против неправдата и нееднаквоста, се гради со подавање рака на другите“.

Обраќањето бискупот Стојанов го заврши со зборовите: „Заедно мораме и може да изградиме култура на мир и да се спречи употребата на оружје и секаков облик на насилство.“

На форумот присуствува Државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, како и претставници од 15 земји од Цариград до Триглав. Во име на Католичката црква учествува десет претседатели или нивни претставници на бискупските конференции. Од страна на православните цркви учествуваа четворица митрополити и епископи како претставници на вселенскиот цариградски патријарх Вартоломеј, на СПЦ и на Македонската православна црква, потоа Евангелиската црква од Словенија и Србија, а шест муфтии од различни земји од регионот го претставија погледот на исламската верска заедница, а свое обраќање има и еден рабин и хуманист.

Ватикан њуз/к.мк

Линк на Facebook за повеќе фотографии

Категорија: Вести, Македонија

За авторот