Папата: Црквата е караван од браќа на патот за единство

Папата: Црквата е караван од браќа на патот за единство

Претстојниот празник Духовден ни зборува дека единството е дар, склад, одење, послание. Ова го истакна папата Фрањо, кој во Ватикан прими дваесетина млади свештеници и монаси, членови на Источните православни цркви од различни традиции и им се заблагодари за семето на љубовта и надежта посеано во различни области кои сè уште се обележани со насилство и исто така често заборавени конфликти.

Папата Фрањо во петок 3 јуни 2022 година срдечно поздрави мала група млади свештеници и монаси од различните Источни православни цркви кои ги прими во Ватикан по повод нивната посета на Рим. Убаво е што вашата посета се случува во пресрет на празникот Духовден – истакна тој – кој се празнува во недела според латинскиот календар и додаде дека сака да искаже четири мисли вдахновени од овој празник, кои се однесуваат на потполното единство за кое копнееме.

Единството е милост

Папата најпрвин истакна дека единството е дар кој доаѓа одозгора. Секако – рече – потребно е да се молиме и да се работи за да се постигне тоа. Меѓутоа, постигнувањето единство не е првенствено плод на земјата, туку на небото; тоа не е првенствено резултат на нашата посветеност, нашите напори и нашите договори, туку е дејство на Светиот Дух на кого треба со доверба да ги отвориме нашите срца за да нè води по патиштата на потполно заедништво.

Не униформност, туку хармонија

Втората поука од Духовден е дека единството е хармонија , а присутната делегација тоа добро го покажува – рече Папата и објасни: Единството не значи униформност и не е резултат на компромис или кревка дипломатска рамнотежа. Единството е хармонија во различноста на харизмите што ги поттикнува Духот. Зашто Светиот Дух сака да поттикнува и мноштво и единство, како на Педесетница, кога различните јазици не беа сведени на еден, туку беа асимилирани во нивната плуралност.

Единството расте во споделувањето

Настанот на Педесетница, исто така, нè учи дека единството е одење што не се постигнува седејќи на маса, туку во движење кое Духот го втиснува во верниците. Попатно се реализира; расте во споделувањето, чекор по чекор, во заедничката подготвеност за прифаќање на радостите и тешкотиите на патувањето, во изненадувањата што се појавуваат на патот – рече Папата и ги цитираше зборовите на свети Иринеј, неодамна прогласен за црковен учител на единството, кој вели дека Црквата е „карван на браќа“; караван, додаде Папата, во кој единството расте и созрева (…) во трпеливо и упорно споделување на заеднички поминатиот пат.

Хоризонтот е заедничкото навестување на Евангелието

Последната точка за која зборуваше папата Фрањо е врската помеѓу единството и навестувањето на Христос. Единство за послание. Имено, Исус се молел сите да бидат едно за светот да поверува. Црквата е родена како мисионерска на Педесетница, а светот и денес чека да го запознае Евангелието што треба да го сведочиме еден на друг, а не еден против друг или далеку еден од друг.

Во таа смисла, јас сум благодарен за заедничкото сведоштво дадено од вашите Цркви; на посебен начин мислам на оние кои со крв ја запечатиле својата вера во Христа, а ги има многу. Ви благодарам за сите семиња на љубовта и надежта, расфрлани во името на Распнатиот и Воскреснатиот, на различни делови, за жал сè уште обележани со насилство и премногу често заборавени конфликти – рече папата Фрањо и на крајот потсети дека Крстот Христов е компас кој нè води на патот кон потполно единство. Средбата заврши со заедничка молитва „Оче наш“ и секој молеше на својот јазик.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот