Враќајќи се од Јужен Судан, во недела на 5 февруари 2023 година, папата Фрањо, надбискупот од Кантербери Велби и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска, Гриншилдс, разговараа со новинарите. Светиот Отец зборуваше за насилството, дефинирајќи го како „тема на денот“ и посочи дека еден од проблемите е продажбата на оружје. Зборувајќи за Бенедикт XVI, рече дека неговата смрт е инструментализирана и истакна дека почесниот Папа не бил огорчен од она што го правел.
Цел свет е во војна, во самоуништување, да запреме на време! – истакна папата Фрањо, разговарајќи со новинарите во авионот на враќање од Јужен Судан, заедно со надбискупот од Кентербери Џастин Велби и модераторот на генералното собрание на црквата на Шкотска Јан Гриншилдс. За Светиот Отец се осврна на смртта на почесниот папа Бенедикт XVI, која – според него – била инструментализирана од партиски луѓе, а не од Црквата. Тој рече дека неговиот претходник, со кој неколкупати се консултирал во изминатите години, не бил револтиран – како што рече – „од тоа што го направив“. На самиот почеток на разговорот, папата Фрањо ја истакна екуменската карактеристика на апостолското патување во Јужен Судан, поради што сакаше двајцата поглавари да бидат со него на прес-конференцијата; посебно надбискупот од Кентербери, кој има долгогодишна историја на овој пат на помирување во Јужен Судан.
Занаетчиско рударство
Заедно со надбискупот Велби и модераторот Гриншилдс, Светиот Отец зборуваше за човечките ресурси на Африка, истакнувајќи ги интелигентните млади луѓе кои се вистинска предност и за кои треба да направиме простор, а не да ја затвораме вратата. Што се однесува до природните ресурси, Папата уште еднаш нагласи дека треба да се искорени идејата дека Африка треба да се експлоатира.
И надбискупот Велби го посочи големиот проблем со експлоатацијата, а осврнувајќи се конкретно на Демократска Република Конго, рече дека не е игралиште на големите сили кои се однесуваат неодговорно, со „занаетчиско рударство“, искористувајќи деца војници, киднапирања, голем број силувања, и кои едноставно ја ограбуваат земјата, која треба да биде една од најбогатите во светот, способна да му помогне на остатокот од Африка. Земјата е измачувана, технички доби политичка независност, но не и економска независност – рече надбискупот од Кентербери.
Продажбата на оружје е најголемата чума
Осврнувајќи се на насилството кое не престанува на африканскиот континент, Папата истакна дека токму во Јужен Судан можеле да видат дека тоа е секојдневна тема. Болно е да се види како се провоцира насилство – спомна Папата и посебно ја потенцираше продажбата на оружје, и тоа не само меѓу големите сили, туку го вклучуваат и сиромашното население, дури и деца, давајќи им оружје. Зад ова – според Папата – стојат економските интереси за искористување на земјата, минералите и ресурсите. Тоа е ѓаволска работа; тоа значи уништување на созданието, личноста, општеството – рече Светиот Отец и додаде дека продажбата на оружје е можеби најголемата чума во светот.
Цел свет е во војна
На прашањето за посредување во конфликтот во Украина, папата Фрањо рече дека е отворен за средби со двајцата претседатели, украинскиот и рускиот. Тој, исто така, истакна дека војната во Украина не е единствената; треба да се запомни дека Сирија е во војна дванаесет или тринаесет години, а Јемен повеќе од десет. Да помислиме на Мјанмар, сиромашните Рохинџа, бегалци кои лутаат по светот затоа што биле протерани од својата татковина. Насекаде во Латинска Америка, колку воени жаришта има! Да, има војни кои се поважни поради вревата што ја прават, но не знам, цел свет е во војна, и се уништува. Треба сериозно да размислиме: светот е во самоуништување. Да запреме на време! – рече папата Фрањо.
Глобализација на рамнодушноста
На прашањето за глобализацијата на рамнодушноста, Римскиот бискуп истакна дека ја има насекаде. Ако само помислиме дека најголемите богатства на светот се во рацете на едно малцинство, а овие луѓе не ја гледаат бедата, нивните срца не се отвораат за помош – истакна тој.
Патување во Лисабон, Марсеј, Индија и Монголија
Што се однесува до патувањата, тој најави патување во Индија следната година, додека годинава, во август, ќе биде во Лисабон (по повод Светскиот ден на младите) и на 23 септември во Марсеј, Франција, од каде може да замине во Монголија. Но се уште не е дефинирано – рече папата Фрањо на прес-конференција по враќањето од 40. Апостолско патување во Демократска Република Конго и Јужен Судан.
Ватикан њуз/к.мк