Кардиналот Паролин: Ирскиот референдум е пораз за човештвото

„Не само пораз на христијанските принципи, туку и пораз за човештвото“. Со овие зборови Ватиканскиот државен секретар кардиналот Пјетро Паролин ги оквалификува резултатите од референдумот во Ирска во врска со хомосексуалните бракови.

Кардиналот Паролин говореше на 26 мај вечерта, на церемонијата на доделувањето на меѓународната награда „Економија и општество“ на Фондацијата „Centesimus Annus“ која се однесува на социјалната доктрина на Црквата, наведувајќи:

„Семејството, кое се базира на сојузот меѓу две лица од различен пол, секогаш мора да биде заштитено. Се разбира, како што рече и архиепископот на Даблин, Дијармуд Мартин, Црквата треба да ја има во предвид оваа реалност, но според мене, во смисла на зајакнување на ангажманот и напорите за евангелизација и на нашата култура“.

Во изјавата, Ватиканскиот државен секретар се задржа и на ситуацијата во Грција и преговорите со „тројката“ за обновување на долгот, истакнувајќи дека „оваа ситуација може да доведе до одредена дестабилизација, затоа желбата е во најскоро време да се постигне договор и да се донесе одлука“.

Кардиналот Паролин истакна, исто така, дека сегашната криза не е само економска и финансиска, туку и антрополошка. Во суштина, е создадено идолопоклонство пред парите, без корени и без вистинска хумана цел и на тој начин се нанесува удар на самата економија, а човекот е сведен само на потрошувачка и трошењето. Затоа треба да има поголема поврзаност помеѓу економија и развојот.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот