Папата Фрањо упати порака до ФАО

Папата Фрањо упати порака до ФАО

По повод 40. заседание на ФАО организацијата, папата Фрањо до претседателот и до сите претставници на земјите членки упати пригодна порака.

Во пораката до организацијата која е должна на примерен начин да одговори на проблемите на агрикултурното производство на храна, од што зависат очекувањата на милиони луѓе, Папата прво искажува жалење што лично не може да биде присутен на заседавањето, затоа бара од својот Државен секретар, кардиналот Пиетро Паролин, да ја прочита пораката на охрабрување, поддршка, како и почитување и доверба, заради задачите кои оваа организација треба да ги исполни.

Во пораката исто така се наведува дека Светиот Престол од блиску ја следи работата на меѓународната заедница и сака да придонесе кон напорите за промовирање – не само на напредокот и теорискиот развој – туку и за ефикасно отстранување на гладот и неисхранетоста. „Сите сфаќаме дека намерата на секому да се достави неговиот насушен леб, не е доволна. Потребно е да се признае дека сите на тоа имаат право и затоа и оние гладните и оние во потреба исто така од тоа треба да имаат корист. Папата укажа и на недостатокот на културата на солидарност, која не успева да го премине патот меѓу останатите меѓународни активности, што често остварувањето на предложените цели се одложува затоа што им недостасува идеја за праведна распределба.

Фокусирањето на секоја земја на зголемувањето на прехраната, подобрувањето на агрикултурните активности и животните услови на руралното население, е овоплотено во поттикнувањето на секторот за агрикултура, во зголеменото производство или во промовирањето на ефикасна распределба на залихите на храна. Сепак, тоа не е доволно. Всушност, она што тие цели бараат е трајно признавање на правата секој човек да биде слободен од сиромаштвото и гладот што зависи од должноста на целиот човечки род да снабди практична помош за оние во потреба – смета папата Фрањо.

Затоа кога некоја земја, заради својот степен на развој, сиромаштво, климатски промени или состојбата на несигурност е неспособна да понуди адекватен одговор, ФАО и другите меѓувладини институции треба да бидат способни да посредуваат на соодветен начин и да преземат адекватни акции за солидарност. Со оглед на тоа што добрата кои Бог Создателот ги доверил за намена на сите, итна е потребата солидарноста да стане критериум кој ги вдахнува сите облици на соработка во меѓународните односи – поттикна Светиот Отец.

Погледот на моменталната светска ситуација, не ни пружи утешителна слика. Сепак, не можеме да останеме само загрижени – или уште полошо – „да дадеме оставка“. Овој момент на очигледна тешкотија мора уште повеќе да нѐ направи свесни за фактот дека гладот и неисхранетоста не се само природни или структурални појави, одредени за географски области, туку резултат на сложени услови на неразвиеност, предизвикани од рамнодушноста на многумина или пак себичноста на неколкумина. Војните, терористичките напади и присилното раселување, кои се повеќе пречат или барем значително ги условуваат дури и напорите околу соработката, не се неизбежни, туку се последица на конкретни одлуки – истакнува Папата.

Станува збор за сложен механизам кој главно ги оптеретува најранливите, кој не се само исклучени од процесот на производство, туку се и присилени да ги напуштат своите земји, во потрага за засолниште и надеж. Исто така, одлуките донесени во полна слобода и свест, одредуваат податоци кои се однесуваат на помошта која се пружи на сиромашните земји, што секојдневно се намалува, и покрај повторените жалби пред сѐ поразорните кризни ситуации, кои се манифестираат во различни подрачја на планетата.

Во тие случаи – смета Папата – слободата на изборот на сите, треба во предвид да ја земе солидарноста кон сите, во однос на реалните потреби и нивното исполнување. Ваква посветеност од нас бара и Агендата за развој до 2030 година, која повторно ја потврдува идејата дека обезбедувањето на храната е цел која не може повеќе да се одложува.

Сепак, само напорот вдахнат од автентичната солидарност, може да го намали бројот на луѓе кое се потхранети и лишени од потребното за живот. Ова е многу голем предизвик за ФАО, како и за сите институции на меѓународната заедница. Тоа е исто така предизвик за кој Црквата првенствено се залага.

Папата при крајот на пораката изрази надеж дека заседавањето на оваа Конференција може да го обнови поттикот за делувањето на Организацијата и да пружи практични одговори на потребите и желбите на нашите браќа и сестри, бидејќи тие во делувањето на ФАО не гледат само технички придонес за зголемување на ресурсите и распределбата на плодовите за производство, туку и конкретен, па дури единствен знак на братство кој им помага со доверба да гледаат во иднината – стои во текстот.

„Нека семоќниот Бог, богат со милосрдие, ве благослови вас и вашата служба и ви даде сила потребна за веродостоен напредок на нашиот човечки род“ – се вели во заклучот на пораката на Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот