Папата Фрањо: Сите сме мигранти

„Покажете дека во оваа земја, лулка на цивилизацијата, сѐуште пулсира срцето на една хуманост, способна да ги препознава браќата, која сака да изгради мостови и да се откаже од илузијата да крева ѕидови за да се чувствува безбедна.“

Тоа беше повикот на папата Фрањо упатен до граѓанското општество, верниците и претставниците на грчките власти, собрани на пристаништето Митилини во спомен на сите оние кои гги загубија животите во морето, во потрага по подобар живот.

Заедно со Вселенскиот патријарх и атинскиот архиепископ, папата Фрањо, гледајќи кон морето, фрли во него венец цвеќе, упатувајќи молитва за сите мртви.

„Боже на милосрдието, Ти се молиме за сите мажи, жени и деца кои умреа откако ги оставија своите земји во потрага по подобар живот. Иако на многу од нивните гробови нема имиња, секој од нив е познат, почитуван и сакан од Тебе. Никогаш да не бидат заборавени од нас …“, се вели во молитвата на Папата.

Фрањо потсети дека Бог не Го напушти својот Син, „кога беше однесен на безбедно место од Марија и Јосиф“. „На ист начин сега биди блиску до овие твои синови и ќерки преку нашата нежност и заштита. „Боже на милосрдието и Татко на сите, разбуди нѐ од сонот на рамнодушност, отвори ни ги очите за нивните страдања, избави нѐ од нечувствителността, плод на секуларизмот и световната благосостојба и затвореноста…“.

„Поттикни нѐ сите нас, народи, заедници и поединци, да признаеме дека сите оние кои пристигнуваат на нашите брегови се наши браќа и сестри; да признаеме дека заедно, како едно човечко семејство сите сме мигранти патници на надеж кон Тебе“.

Во говорот пред грчките граѓани и католичката заедница, папата Фрањо заблагодари за поканата испратена од претседателот Павлопулос, заедно со поканите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и атинскиот архиепископ Јероним: „Сакам да изразам восхитување за грчкиот народ, кој покрај тешките проблеми со кои се соочува, успеа да ги задржи отворени срцата и вратите. Многу обични луѓе го приложија она малку што го имаат за да го споделат со лицата кои се лишени од сето тоа. Бог ќе ја награди таа великодушност, како и на другите соседни земји, кои уште од првиот момент примија многу луѓе принудени да бидат мигранти“.

Папата го обнови својот апел за одговорност и солидарност со оваа драматична ситуација: „Многу бегалци се наоѓаат на овој остров и во различни делови на Грција, живеат во критични услови, во атмосфера на вознемиреност и страв, понекогаш во очај од материјалните непријатности и поради несигурноста за иднината. Загриженоста на институциите и луѓето, како во Грција така и во другите европски земји, е разбирлива и легитимна. Сепак, никогаш не треба да заборавиме дека мигрантите пред да бидат „бројка“, се луѓе со свои лица, имиња и историја“.

„Европа е татковина на човековите права и секој кој стапна на нејзината земја треба да го почувствува тоа, за да биде свесен да ги почитува и заштитува – истакна Папата. За жал, некои, меѓу кои и многу деца, не успеаја дури и да дојдат на неа: ги загубија животите во морето, жртва на нехуманите патувања… “.

„За да бидеме навистина солидарни со оние кои се принудени да бегаат од својата земја, треба да се работи на отстранување на причините за оваа драматична реалност – апелираше папата Фрањо. Не треба да се ограничуваме само со одговор на критичноста на моментот, туку да се развиваат сеопфатни, а не еднострани политики“. Пред сè, истакна Светиот Отец, е неопходно „да се изгради мир таму каде војната донела штета и смрт и да се спречи таа рак-рана да се шири во другите делови“.„Неопходно е да биде запрена поддршката кон проектите кои се инспирирани од омразата и насилството. Треба да се поттикнува соработката меѓу народите, а меѓународните организации и хуманитарни институции, да ги поддржат, а не изолираат, оние кои се поврзани со решавање на критичните ситуации“, истакна Светиот Отец.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот