Во Генералната курија на Друштвото Исусовци во Рим, Папата сослужуваше на погребот на отец Диего Фарес, кој почина пред два дена на 67-годишна возраст. Во проповедта, директорот на списанието Civiltà Cattolica ја опиша личноста на тој монах: беше силен и во исто време транспарентен, неговиот стил никогаш не беше автореференцијален, туку заснован на дијалог.
Папата Фрањо беше присутен на погребот на неговиот собрат и пријател, Исусовецот Диего Фарес, кој се одржа во четврток 21 јули 2022 година во капелата на Генералната Курија на Друштвото Исусовци во Рим. Папата сослужуваше и остана во молитва долго време покрај ковчегот на отец Фарес, кој почина на 19 јули, по долго боледување. Меѓу присутните беше и кардиналот Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за целосен човечки развој. Проповед одржа отец Антонио Спадаро, директор на Исусовското списание Civiltà Cattolica, во кое отец Диего Фарес беше соработник од 2015 година.
Одлучна и транспарентна личност
Сејач кој многу сееше без да внимава на мерките и пропорциите – со овие зборови отец Спадаро ја започна својата проповед во која истакна дека личноста на отец Фарес била силна и одлучна, но бил и транспарентен и благ. Човек можеше да го почувствува занесот и силната способност за јасност, да си го каже своето мислење, имаше одреден правец, да го отстрани секое лицемерие. По изборот на папата Фрањо, списанието La Civiltà Cattolica си постави задача на најдобар можен начин да го следи новиот Папа – објасни отец Спадаро. Се трагаше по некој што може да помогне, но не беше тешко да се најде вистинската личност. Самиот Папа, враќајќи се од патувањето во Бразил, ги советуваше новинарите да ги читаат книгите на Диего – истакна меѓу другото отец Спадаро.
Поврзаноста со папата Фрањо
Отец Диего Фарес е роден во Мендоза во 1955 година. Тој беше примен во Друштвото Исусовци во 1976 година од тогашниот Исусовски провинцијал во Аргентина, Хорхе Марио Бергољо, кој подоцна стана негов духовник и постојана поддршка. Значајна е и одлуката на папата Фрањо во март 2018 година, по повод Светата Литургија со осветувањето на мирото, на свештениците да им ја подари книгата на отец Диего „Десет работи што папата Фрањо им ги предлага на свештениците“. Римскиот бискуп до крај сакаше да ја искаже својата близина, а последен пат го посети на 10 јули.
Во близина на народот се гледа дали Исус ќе биде присутен во животот на човештвото или ќе остане на ниво на идеи, затворен со големи пишани букви, овоплотен повеќе во некоја добра навика која постепено станува рутина – изјави отец Фарес во интервју за Ватикан њуз во 2018 година.
Ватикан њуз/к.мк