Папата Фрањо одржа видео разговор со патријархот Кирил

Папата Фрањо одржа видео разговор со патријархот Кирил

Светиот Отец разговараше со поглаварот на Руската православна црква во контекст на војната во Украина: да се обединат напорите за помош на светот и луѓето кои страдаат.

Вечерта на 16 март 2022 година, папата Фрањо, придружуван од кардиналот Курт Кох, претседател на Папскиот совет за промовирање единство на христијаните, одржа видео разговор со московскиот патријарх Кирил, со кого беше раководителот на Одделот за надворешни работи митрополитот Иларион.

Според Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, фокусот на разговорот бил ставен на војната во Украина и улогата на христијаните и нивните пастири да направат сѐ што е можно за да се обезбеди мир.

Заблагодарувајќи му се на Патријархот за средбата, поттикнат од желбата како пастири да го посочат патот до мирот, Светиот Отец рече дека „Црквата не треба да го користи јазикот на политиката, туку јазикот на Исус“. „Ние сме пастири на ист свет народ кои верува во Бога, во Света Троица, во Пресвета Богородица и затоа мораме да ги обединиме нашите напори да промовираме мир, да им помогнеме на страдалниците, да бараме начини за мир за да го запреме огнот. Соговорниците ја истакнаа „исклучителната важност на преговарачки процес, кој е во тек“.

„Наша должност е како пастири“, продолжи Папата, „да бидеме со сите луѓе и да им помагаме на сите оние кои страдаат од војната“. И нашите Цркви некогаш зборуваа за света војна или праведна војна. Денес тоа е невозможно да се каже. Се разви христијанската свест за важноста на мирот“.

Соговорниците се согласија дека „Црквите се повикани да придонесат за зајакнување на мирот и правдата“. Папата Фрањо заклучи: „Војните секогаш се неправедни. Затоа што Божјиот народ ја плаќа цената за нив. Нашите срца не можат да не плачат за убиените деца и жени, за сите жртви на војната. Војната не е вистинскиот пат. Светиот Дух, кој нè обединува, бара од нас, како пастири, да им помогнеме на народите кои страдаат од војна“.

Изјава на папата Фрањо и патријархот Кирил од 2016 година

Папата и патријархот се сретнаа лично во Куба во 2016 година, потпишувајќи заедничка изјава во која жалат за конфликтот во источна Украина.

„Жалиме за непријателството во Украина кое веќе предизвика многу жртви, нанесе безброј рани на мирните жители и го фрли општеството во длабока економска и хуманитарна криза“, напишаа тие. „Ги покануваме сите страни вклучени во конфликтот на разумност, на социјална солидарност и на акција насочена кон изградба на мир. Ги покануваме нашите Цркви во Украина да работат на социјална хармонија, да се воздржат од учество во конфронтацијата и да не поддржуваат каков било понатамошен развој на конфликтот“.

Во нивната заедничка изјава од 2016 година ги повикуваат христијаните да се молат за крај на војната.

„Ги поттикнуваме сите христијани и сите кои веруваат во Бог, да се молат усрдно провидниот Создател на светот да го заштити Неговото создание од уништување и да не дозволи нова светска војна. За да се обезбеди цврст и траен мир, мора да се преземат конкретни напори за повторно откривање на заедничките вредности што нѐ обединуваат, засновани на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот