Папата: Сиромашните не можат да чекат

Бог Отецот не може да не нè љуби, најголемиот недостаток е недостатокот на љубов – истакна Светиот Отец говорејќи на следбениците на свети Луиџи Џуанели кои што за стогодишнината од смртта на светоцот ходочастеа во Рим, а во Ватикан се сретнаа со Светиот Отец.

Потсетувајќи како дон Луиџи знаел да зборува дека бедата не може да чека, Папата во говорот истакна три глаголи: да се надеваш, да гледаш и да брзаш.

Што би ви кажал вашиот основач свети Луиџи Џуанели? – праша Папата потсетувајќи на „искрената едноставност“ на светецот. Дон Луиџи цврсто верувал во Божјата провидност и милосрдие. Чувствувал дека Бог го љуби и дека секогаш се грижи за него. Бог е Отец и не може да не нè сака. Тој не може да биде далеку од своите деца. Ако сме далеку од Него, Тој нас нè чека; кога ќе се приближиме нè прегрнува; ако паднеме нè подигнува; ако се каеме ни простува. Тој секогаш сака да ни излезе во пресрет. Свети Луиџи толку верувал во вистинската и грижлива Божја љубов што често ги надминувал границите на човечкото сфаќање, само во животот да го примени Евангелието – рече Папата.

Божјата провидност ја сметал за реалност. Бог се грижи за нас и сака да Му се довериме. Уверен сум дека нашиот небесен Отец се нажалува кога гледа дека неговите деца целосно не му се доверуваат: можеби повеќе веруваат во некој далечен Бог отколку во милосрдниот Отец. Така во многумина се раѓа сомнеж дека Бог е господар отколку Отец. Таа е голема фарса – рече Папата додавајќи:

Таа е вечната замка на Божјиот и човечкиот непријател кој ја искривува реалноста, а злото го прикажува како добро. Првото искушение е: да се одделиш од Бог, заплашени дека Божјото татковство не е грижливо и благонаклоно. Напротив, Бог е само неограничена љубов. Тој нас нè љуби повеќе отколку ние самите себе и знае што е најдобро за нас – рече Светиот Отец.

Зборувајќи пак за љубовта кон ближниот, Папата го истакна глаголот „да гледаш“. Бог создател поттикнува делотворност во оние кои живеат како негови деца, така научуваат да го „гледаат светот со нови очи, бидејќи љубовта и надежта ги прават посветли. Во таквите очи другите не се непремостливи пречки, туку браќа и сестри кои треба да се прифатат. Така се открива дека љубовта кон ближниот како што зборувал дон Луиџи е утеха за животот.

Во светот секогаш има проблеми, а нашето време познава за жал ново сиромаштво и многу неправди. Но, најмногу се чувствува недостатокот на љубов: потребни се луѓе чии очи се обновени со љубовта, а чии погледи влеваат надеж. Бидејќи љубовта секогаш наоѓа начин како да го утеши оној во потреба, зборувал вашиот основач – потсети Папата и додаде:

Понекогаш нашиот живот е кратковиден, бидејќи не успеваме да видиме подалеку од себе. Понекогаш сме далековиди, бидејќи би сакале да им помогнеме на најодалечените, а не сакаме да се наведнеме над оние кои живеат со нас. Понекогаш со задоволство ги затвораме очите, бидејќи сме уморни, бидејќи нè скршил песимизмот. Дон Луиџи нè повикува да гледаме со Божји очи, бидејќи влева надеж и радост – рече Светиот Отец и се осврна на глаголот „брза“.

Сиромашните се најмилите деца Божји зборувал дон Луиџи, а често повторувал дека оној кој дава на сиромашните дава на Бог. Како што Отецот најмногу се грижи за најмалите деца така и ние најпрво мораме да се грижиме за браќата и сестрите во тешкотија, бидејќи – како што зборувал дон Луиџи – бедата не може да чека. Сѐ додека околу нас има сиромашни не смееме да запреме. Богородица побрзала во посета на роднината Елисавета. И ние мораме да го слушаме поттикот на Светиот Дух да одиме во пресрет на оние на кои им е потребна нашата нега и љубов – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот