Папата Фрањо: На пат кон единството треба да се препуштиме на водството на Светиот Дух

Треба да се препуштиме на водството на Светиот Дух за да можеме да напредуваме кон единство на христијаните – рече Папата на членовите на делегацијата на Екуменскиот цариградски патријарх, кои во сабота 28 јуни, пред празникот на небесните заштитници на Вечниот град, светите Петар и Павле, ги прими во аудиенција. Папата истакна дека со ’теологија на колена’ може да се стигне до патот на единството.

Треба да се дели братската радост, рече Папата на членовите на делегацијата на „сестринската Црква од Цариград“, упатувајќи ги своите мисли најпрво до екуменскиот патријарх Вартоломеј I, „саканиот брат“, со кој ја делеше радоста на поклоничкото патување во Светата Земја, а потоа и молитвата за мир во Ватиканските градини. Папата потсети на прегратката помеѓу папата Павле VI и Атенагора. Тој пророчки гест го поттикна одот кој не запре – истакна папата Фрањо.

Господ ни ги даде овие можности за братски средби за да можеме еден на друг да ја покажеме љубовта во Христос, која нè поврзува и да ја обновиме заедничката желба да одиме кон полно единство – додаде Светиот Отец.

Добро знаеме – продолжи Папата – дека единството е Божји дар, тврдејќи дека едни на други можеме да гледаме со очи на верата, благодарејќи за силата на Светиот Дух, да се признаеме за она што сме во Божјиот план, а не за она што историските последици од нашите гревови направија од нас. Ако, водени од Светиот Дух, научиме едни на други да гледаме во Господ, нашето одење ќе биде уште побрзо, а соработката на многубројни подрачја од секојдневниот живот уште веќе сега среќно нè соединува – забележа Светиот Отец.

Ова теолошко гледање се „храни со вера, надеж и љубов“. Тоа е „способно да изнесе вистинско теолошко размислување, кое всушност е учество во видението кое Бог го има за себе и за нас“. Иако поаѓаме од различни гледишта, ова размислување на патот на единството, може едни на други да нè приближи – рече Папата додавајќи:

Затоа се надевам и се молам работата на Меѓународниот мешовита комисија да биде израз на ова длабоко разбирање; на оваа теологија „на колена“. Размислувањата за приматот и соборноста, за заедништвото во општата Црква, за службата на Римскиот бискуп, тогаш нема да бидат повеќе ни академски, а ниту обична расправа на непомирливи гледишта – заклучи папата Фрањо.

Сите треба смело да се отвориме на делувањето на Светиот Дух – додаде Папата – да бидеме окупирани од Христовото гледање на Црквата на патот на „духовниот екуменизам, зајакнато со мачеништвото на многу христијани кои го остварија екуменизмот со крв – заклучи Светиот Отец.

РВ/С.С.

1903

Категорија: Ватикан

За авторот