Папата Фрањо испрати долга порака до кардиналот Освалд Грацијас, надбискуп во Бомбај и претседател на Индиската бискупска конференција, молејќи за жртвите од Ковид – 19 и за истрајност, сила и мир за болните, нивните семејства, лекарите и сите оние кои помагаат.
Четири илјади починати и 380.000 заразени за само еден ден, значи милиони случаи месечно. Индија, со ужасни рекордни бројки во однос на пандемијата, води нееднаква борба против ширењето на Ковид-19, така што голем дел од финансиите – скоро 7 милијарди долари – се наменети за вакцини и здравството.
Таквата состојба го поттикна Папата да ги искаже писмено своите чувства кон народот и Црквата во таа голема азиска земја. Во овој момент, кога многумина во Индија страдаат поради сегашната здравствена криза, пишувам за да ја изразам мојата искрена солидарност и духовна блискост со целиот народ – напиша папата Фрањо. Моите мисли одат првенствено на болните и нивните семејства, на оние кои им помагаат, а особено на оние кои жалат за загубата на своите најблиски. Исто така, мислам на многу лекари, медицински сестри и техничари, болнички персонал, возачи на брза помош и оние кои неуморно работат за да одговорат на итните потреби на нивните браќа и сестри. Со длабока благодарност до сите нив, молам за Божјите дарови на истрајност, сила и мир.
Папата Фрањо упати и благодарни зборови до католичката заедница во Индија за делата на милосрдие и солидарност, направени во корист на сите луѓе. Мислам за великодушноста што ја покажаа многу ангажирани млади луѓе – посочи Папата и ги препорача на Божјото миллосрдие верниците кои ги загубија своите животи, како и голем број свештеници, монахињи и монаси. Овие денови на неизмерна болка нека нè утешува надежта, која доаѓа од Велигден и од нашата непоколеблива вера во Христовото ветување за воскресение и нов живот – посака папата Фрањо во својата порака.
Ватикан њуз/к.мк