Објавени се логото и мотото за патување на папата Фрањо во Казахстан.

Објавени се логото и мотото за патување на папата Фрањо во Казахстан.

Во вторник 23 август 2022 година Ватикан ги објави мотото и  логото за посетата на папата Фрањо во Казахстан, од 13 до 15 септември. Мотото гласи: „Гласници на мирот и единството“, а е напишано на казакстански на врвот на логото и на руски на долниот дел.

Рускиот и казахстанскиот се двата официјални јазици во централноазиската земја. Папата Фрањо ќе престојува во градот Нур-Султан по повод VII Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии.

Небесната сина и жолтата боја на логото вклучува две раце кои формираат слика на гулаб со маслиново гранче. Срцето на гулабовото крило „претставува љубов, плод на меѓусебно разбирање, соработка и дијалог“, се вели во соопштението за печатот на Ватикан.

Маслиновото гранче е нацртано во форма на типичен казахстански украс, еден вид древна народна уметност.

Зад гулабот, сините линии ја формираат сликата на „шанирак“, дел од амблемот на Република Казахстан. „Шанирак“ го симболизира горниот куполен дел на јуртата, традиционален кружен шатор што го користат номадските групи во Централна Азија. Жолтите линии во сините линии формираат крст.

Сината и жолтата боја на логото се боите на казахстанското знаме.

Етничките Казахстанци се претежно сунитски муслимани, најзастапената религија во земјата. Според националниот попис од 2009 година, втора најпрактикувана религија е православната, пред сѐ припадници на Руската православна црква со повеќе од 20%. Земјата, која има приближно 250.000 католици со латински обред, според статистиката од 2008 година, е исто така дом на многу имигранти.

Во 2019 година, папата Фрањо воспостави апостолска управа за католиците од византиски обред во Караганда, Казахстан, земајќи го во предвид растечкиот број на украински источни католици во земјата, кој се проценува на околу 10.000.

Казахстан е најголемата земја во светот без излез на море. Земјата граничи со Русија, Кина, Киргистан, Узбекистан и Туркменистан и со еден дел излегува на Каспиското Езеро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот