На празникот Света Марија Богородица, а по повод Светскиот ден на мирот, кој се одбележува на 1 јануари, папата Фрањо во пладневниот говор истакна дека сите сме одговорни за општото добро и дека политиката е добра до таа мерка кога секој го извршува својот дел во служење на мирот.
Нека света Марија Богородица, чиј што празник денес го славиме, ни помогне во секојдневното ангажирање за мирот – истакна папата Фрањо во првиот пладневен говор во 2019 година, а по повод Светскиот ден на мирот, кој го воспостави свети Павле VI со желба тој да се одбележува секоја година на 1 јануари.
Добрата политика е во служба на мирот
Темата за овој 52. Светски ден на мирот – потсети папата Фрањо – гласи: Добрата политика во служба на мирот“, како што истакнува и во пораката за денешниот ден, објавена на 8 декември минатата година. Да не мислиме дека политиката е само за лидерите, сите сме одговорни во живиот град, за општото добро; а политиката е добра тогаш, кога секој го извршува својот дел од службата за мир – истакна Светиот Отец.
Марија ни го покажува Спасителот
Папата Фрањо, кој на Твитер профилот @Pontifex напиша дека во нашите општества денес посебно се потребни „миротворци“, гласници и сведоци за Бог Отецот, кој сака добро и среќа на целото човечко семејство, осврнувајќи се пак на денешниот празник, осмиот ден по Божиќ ги поттикна сите да го упатат погледот кон Марија и Младенецот, кој го држи во рацете, на истиот начин како што тоа го направија витлеемските пастири.
На тој начин, покажувајќи ни го Исус, Спасителот на светот, таа, мајка, нѐ благословува. Богородица сите нас денес нѐ благословува, сите – повтори Светиот Отец и додаде: Го благословува патот на секој маж и секоја жена во оваа година која започнува и која ќе биде добра, токму толку колку што ќе ја прифатиме Божјата добрина која Исус ја донесе во светот.
Силата на Господ
Имено, Божјиот благослов, дава суштина на добрите желби кои се разменуваат овие денови. Потсетува на многу стариот благсолов со кој израелските свештеници го благословувале народот, три пати изговарајќи го Божјото име, Господ, и испружувајќи ги така рацете кон собраниот народ. Во Библијата, имено, името ја претставува самата реалност која се повикува, и така „да се стави името“ Господово на некој човек, семејство, заедница, значи да се даде благотворна сила која потекнува од Него.
Сонце, кое не може да се гледа, но зрачи со милост
Во благословот истоврмено два пати се спомнува лицето Господово, молејќи Бог да го осветли и да го упати кон својот народ, доделувајќи му милосрдие и мир. Знаеме дека според Светото Писмо Божјото лице е недостапно за човекот; никој не може да го види Бог и да остане жив. Тоа ја искажува Божјата трансцеденција, бескрајната големина на неговата слава. Но Божјата слава е целата Љубов, и затоа, и покрај тоа што е недостапна, како сонцето кое не може да се гледа, сепак зрачи со својата милост на секое создание и на посебен начин, на мажите и жените во кои најмногу се одразува – истакна папата Фрањо.
Извор на мирот
Бог се објави во лице на еден човек, Исус роден од жена – рече потоа Папата и истакна дека иконата на Марија Богородица ни го покажува Спасителот на светот. Тој е благослов за секој човек и за целото човечко семејство. Исус, е извор на милост, милосрдие и мир – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк