Папата Фрањо го прими претседателот Иванов

Папата Фрањо го прими претседателот Иванов

На 26 мај 2017 година во Апостолската палата во Ватикан Светиот Отец го прими во аудиенција претседателот на Република Македонија г-дин Георге Иванов придружуван од државно црковна делегација. Во составот на делегацијата Католичката црква ја претставуваше о. д-р Зоран И. Стојанов. По средбата со Папата македонскиот претседател Иванов оствари средба со Државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пиетро Паролин.

На средбата помеѓу папата Фрањо и претседателот Иванов станало збор за состојбата во Македонија и регионот, бегалската криза и тешките моменти низ кои поминува христијанството во светот. Папата Фрањо ја потврдил својата молитва за Македонија за што претседателот Иванов упатил директна благодарност, како и за повикот од 1 мај, кога папата Фрањо за време на неделната молитва Ангел Господоов ги повика верниците во светот да молат за мир во Македонија.

Во составот на црковно државната делегација, покрај претседателот Иванов се и министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за образование и наука Спиро Ристовски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска и претставници на МПЦ –ОА и Католичка црква.

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, македонскиот претседател вчера ја посети базиликата „Свети Климент” во Рим каде положи венец на гробот на Свети Кирил. Претседателот Иванов ја посети и базиликата „Света Марија Велика“, каде на негова иницијатива во знак на благодарност од името на целиот македонски народ во 2015 година беше поставена спомен-плоча на македонски јазик во чест на словенските просветители, браќата Свети Кирил и Методиј. Иванов ја посети и базиликата „Свети Павле” каде положи цвеќе на гробот на апостолот Павле.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот