Папата Фрањо до христијаните: Не бидете лицемери и етичари

Ватикан, 19.6.2013 /к.мк/ – Христијанството не е „ казуистика “ од правила: таквото сфаќање оневозможува да се разбере и сфати дека Бог е радост и великодушност. Ова го истакна папата Фрањо за време на светата Литургија, во среда 19 јуни во домот Света Марта. На олтарот заедно со Папата сослужуваа кардинал Марк Уелет и архиепископот Лоренцо Балдисери, поточно, префектот и секретарот на Конгрегацијата за епископи – придружувани од група соработници, како и од претседателот и секретарот на Папскиот совет за семејството, архиепископот Винченцо Палја и монсињор Жан Лафит, кои исто така беа придружувани од вработените на советот.

Лицемери, кои го „водат Божјиот народ во ќорсокак“: тоа се денешните главни протагонисти од Евангелието за кои проповедаше папата Фрањо (Матеј 6, 1-6; 16-18). Светиот Отец се задржа на познатиот извадок од евангелието според Матеј, во кое се говори за разликата во однесувањето на книжниците и фарисеите, кои јавно се покажуваат кога даруваат, се молат и постат – и она однесување за кое Исус им говори на учениците, а е исправно во тие ситуации, а тоа е „таинственост“, ненаметливост, која му е на Бог угодна и која ја наградува.

Освен гордоста на книжниците и фарисеите, папата Фрањо го истакна и наметнувањето на „многу норми“ врз верниците од нивна страна. Ги нарекува „лицемери на казуистика“, „интелектуалци без талент“, кои „немаат разум за да го најдат Бог и да го објаснат Бог разумно“ и правејќи така го попречуваат влегувањето во царството Божјо, како за себе, така и за другите.

„Исус вели: „Нити влегувате вие, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат.“ Тие се етичари без добрина, не знаат што е добрина. Да, а се етичари? (…) Ти кажуваат прописи, но без добрина, – истакна Папата. „Мора да се направи тоа, тоа, тоа …“. И оние кои се облекуваат со скапи ткаенини и многу други работи, за да се покажат важни, совршени, но немаат чувство за убавина. Доаѓаат само до музејската убавина. Тоа се интелектуалци без талент, етичари без добрина, носители на музејска убавина. Тоа се лицемерите кои Исус многу ги критикува “.

„Но тоа не е се“, продолжи папата Фрањо. „Во денешното Евангелие Господ зборува и за една друга група, оние кои достигнуваат до сакралното“- истакна Папата:

„Господ зборува за пост, молитва, за милосрдие: трите столба на христијанската љубов, за внатрешната промена која Црквата ја нуди на сите за време на Великиот Пост. И на тој пат среќаваме лицемери, кои се покажуваат кога постат, кога даваат милостиња и кога се молат. Мислам дека кога еден лицемер ќе дојде до оваа точка на односот со Бог, доволно сме блиску до гревот против Светиот Дух. Таквите не ја разбираат убавината, не знаат што е љубов, не ја познаваат вистината: тие се мали, малодушни“.

Да помислиме на лицемерството во Црквата, колку многу ни наштетува на сите – напомна папата Фрањо и како пример кој треба да се наследува го предложи цариникот кој со понизност се моли: „Господи, смилувај ми се на мене грешникот“. Тоа е молитвата која треба да ја молиме секој ден, свесни дека сме грешници, но со конкретни гревови, не со теоретски – истакна Светиот Отец. Ова е молитвата која ќе ни помогне да го поминеме патот кој е спротивен на лицемерството и искушението, кои сите ние ги имаме, рече Папата. Но сите ние имаме и благодат,која доаѓа од Исус Христос: благодат на радоста, благодат на великодушност, отвореност. Лицемерот не знае што значи радост, отвореност и великодушност – истакна на крајот Светиот Отец. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<