Папата Фрањо: Со Евхаристијата Господ го лекува нашето сеќавање

Папата Фрањо: Со Евхаристијата Господ го лекува нашето сеќавање

Споменот на Бог го лекува нашето рането сеќавање – рече папата Фрањо во недела 14 јуни за време на светата Литургија која ја служеше по повод празникот Пресвето Тело и Крв Христови во базиликата Свети Петар во Ватикан. „И помни го целиот пат, по кој што те водеше Господ, твојот Бог“ – цитира папата Фрањо од 5. Книга Мојсеева и истакна: Се сеќавам! – со тој повик на Мојсеј започнува денешното Слово Божјо. Веднаш после тоа Мојсеј повторува: !Не заборавај го Господа, својот Бог!“ Писмото ни е дадено да не го заборавиме Бог. Колку е важно на него да се сеќаваме кога молиме. Како што нѐ учи Псалмот 76,11 кој вели: „Се сетив за делата на Господа; се сетив за Твоите први чудеса“.

Важно е да се сеќаваме на добрата кои сме ги примиле – рече Светиот Отец и напомена: Без тоа стануваме непознати на самите себе и „минувачи“ на животот без сеќавање, се искоренуваме од земјата која нѐ храни, и дозволуваме да не однесе како ветерот лисјата. Меѓутоа да се сеќаваш значи да се поврзеш со најсилните врски, да се почувствува дел од животот и да се диши со народот. Сеќавањето не е лична работа, туку пат кој нѐ соединува со Бог и другите. Заради тоа во Библијата сеќавањето на Господ се пренесува од генерација на генерација, таткото му пренесува на синот, како што се вели на едно место: Ако еден ден синот твој те запраша, велејќи: ‚Што значат тие заповеди, наредби и закони, кои ви ги заповеда Господ, Бог ваш?‘ Кажи му тогаш на синот твој: ‚Ние бевме робови на Фараонот во Египет, но Господ Бог нѐ изведе од Египет со силна рака и цврста мишка, и покажа Господ Бог знаци и големи чуда и порази над Египет, над Фараонот и над целиот дом негов и над војската негова, пред очите наши (5. Мојсеева 6,20-22).

Но постои проблем – рече папата  и праша: Што ако се прекине тој синџир на сеќавање? Како можеме да се сеќаваме на она што сме слушнале, а не сме го доживеале? Бог знае колку е тешко тоа, знае колку е кревко нашето сеќавање и за нас направи нешто неслушнато: ни остави спомен. Не ни остави само зборови, затоа што лесно се заборава она што се слуша. Не ни остави Писма, затоа што лесно се заборава она што се чита. Не ни остави некои знаци, затоа што може да се заборави и она што се гледа. Ни даде храна чиј што вкус тешко се заборава.

Господ ни остави леб во кој е тој, жив и вистинит, со потполн вкус на својата љубов – рече Папта и продолжи: Примајќи го можеме да кажеме: Господ се сеќава на нас! Затоа Исус побара од нас: „Ова правете го во мој спомен (1 Коринтјаните 11,24). Правете го! Евхаристијата не е едноставно сеќавање, туку факт дека таинството на смртта и воскресението Господово се обновува за нас. Исусовата смрт и воскресение во Литургијата се пред нас „Ова правете го во мој спомен“ – тоа значи соединете се и како заедница, како народ, славете Евхаристија за да се сеќавате на мене. Не можеме тоа да не го правиме, тоа е спомен на Бог кој ги лекува нашето рането сеќавање.

Посебно го лекува нашето сеќавање како сираци – рече Светиот Отец и истакна: Многумина сеќавањето им е одбележано со недостаток на љубов во горкото разочарувања кое ги примиле од оние кои требало да им дадат љубов, а наместо тоа го осиромашиле нивното срце. Би сакале да се вратиме и да го промениме минатото, но не можеме. Меѓутоа, Бог може да ги излекува тие рани, ставајќи ја најголемата љубов во нашето спасение, односно својата љубов. Евхаристијата ни ја донесува верната љубов на Отецот кој го лекува нашето чувство дека сме сираци. Ни ја дава Исусовата љубов која гробот од конечната цел го претвори во поаѓалиште, и на ист начин може да го промени нашиот живот. Ни ја влева љубовта на Светиот Дух кој утешува и ги лекува раните, затоа што не нѐ остава сами.

Со Евхаристијата Господ го лекува и нашето негативно сеќавање кое секогаш на површина го изнесува она што не е добро и во паметот ни ја остава тажната помисла дека не сме вредни, дека само грешиме и дека „сме промашени“ – рече папата Фрањо и додаде: Исус доаѓа да ни каже дека не е така. Среќен е што ни е близок и секој пат кога го примаме, нѐ потсетува дека сме скапоцени; повикани сме и сме негови гости кои ги очекува на својата гозба. Не само затоа што Господ знае дека злото и гревовите не се наш идентитет, тоа се болести и зарази. Доаѓа да ги лекува со Евхаристијата која содржи антитела за нашето сеќавање на негативното.

Со Исус можеме да се заштитиме од заразата на тагата – рече Папата и додаде: Пред очи секогаш ќе ги имаме своите падови, тешкотии, проблеми дома и на работа, како и неостварените соништа. Но нивната тежина нема да нѐ уништи, затоа што длабоко во нас е Исус, кој нѐ охрабрува со својата љубов. Тоа е силата на Евхаристијата, која нѐ преобразува во носители на Бог и радоста, а не негативноста. Можеме ли да се прашаме, ние кои одиме на света Литургија, што му носиме на светот? Своите жалости и горчина или Господовата радост? Се присетуваме ли, а потоа продолжуваме да се жалиме, критикуваме и да плачеме за себе? Тоа пак ништо нема да подобри, додека пак Господовата радост го менува животот.

На крајот Евхаристијата го лекува нашето затворено сеќавање – рече Светиот Отец и објасни: Раните кои ги задржуваме во себе не создаваат проблеми само на нас, туку и на другите, нè прават да биде плашливи и сомничави, во почетокот сме затворени, а долгорочно цинични и рамнодушни. Нè водат кон другите да бидеме ладни и надуени, замислувајќи се дека можеме да ја контролираме ситуацијата во овој свет. Но тоа е лага, само љубовта во корен го лекува стравот и ослободува од затвореноста која ни ја одзема слободата.

Така прави Исус, ни доаѓа на благ начин во пресрет, во разоружена кревкост на агнецот, така прави Исус, леб кој е прекршен за да би ја скршил нашата лушпа на себичноста, така прави Исус, кој се дарува за да ни каже кога се отвораме се ослободуваме од внатрешните блокади и парализа на срцето – рече папата Фрањо и напомена: Дарувајќи ни се едноставно како леб, Господ нѐ повикува да не го упропастиме животот, посакувајќи илјадници бескорисни работи кои создаваат зависност и оставаат внатрешна празнина. Евхаристијата во нас го гаси гладот за работите и ја разгорува желбата за служење. Нè подигнува од удобниот седечки начин на живот и нè потсетува дека не сме само уста која треба само да се храни, туку сме и негови раце за да го нахраниме ближниот.

Сега е итно да се погрижиме за сите оние кои се гладни за храна и достоинство, за оние кои немаат работа и се мачат да продолжат понатаму. Тоа треба да се прави на конкретен начин, како што е конкретен лебот кој го дава Исус. Потребна е вистинска близна и вистински синџир на солидарност. Исус во Евхаристијата ни станува близок, да не ги оставаме сами оние кои ни се блиски. Да продолжиме да го славиме „споменот“ кој го оздравува нашето сеќавање, односно Литургијата. Тоа е богатство на Црквата и во животот треба да се стави на прво место. Истовремено, повторно да го откриеме обожавањето со кое во нас продолжува Литургијата. Тоа е за нас добро и нè лекува одвнатре. Тоа навистина ни е потребно, посебно сега – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот