Папата Фрањо до министрантите: Немојте да ја злоупотребите својата слобода!

Педесет илјади министранти од повеќе земји од германското говорно подрачје се собраа на 5 август на плоштадот Свети Петар на средба со папата Фрањо по повод нивното поклоничко патување во Рим. Мотото на нивното поклоничко патување гласи: „Слободни! Бидејќи е дозволено да се прави добро.“

Папата Фрањо ја предводеше Вечерната молитва, а проповедта ја одржа на германски јазик. Кажа како Бог ни покажа дека е Добар Отец преку овоплотувањето на Својот Син кој стана еден од нас.

„Заради тој човек, Исус, подобро разбираме што Бог мислел. Он сака да ги ослободи луѓето засекогаш да се чувствуваат заштитено како деца на добар татко. Но, за тоа да го оствари Бог му треба жена, мајка која ќе го донесе Синот на светот. Таа е Дева Марија која вечерва ја славиме. Марија била потполно слободна и во таа слобода кажала „да“. Секогаш правела добро. Служела на Бог и на луѓето. Да го следиме нејзиниот пример, ако сакаме да знаеме што Бог од нас очекува како Свое дете“, рече Папата.

По Литургијата папата Фрањо одговори на некои прашања на министрантите. Рече дека на светот му требат луѓе кои ќе сведочат на другите дека Бог нѐ љуби, дека Он е нашиот Отец.

„Во тоа посебна улога имаат младите. Вие сте повикани на сите да им говорите за Исус, не само на оние во своите парохии и организации, туку најмногу на оние надвор“, повика Светиот Отец.

Додаде дека ги разбира потешкотиите кои младите ги имаат со усогласувањето на обврските на служењето во Црквата со другите задачи неопходни за човечки и културен раст. „За тоа е потребна добра организација, но вие сте германци и во тоа сте многу добри!“ рече Папата.

Ги повика младите да не губат време на интернет, на паметните телефони и телевизија, туку своето време да го посветат на продуктивни активности. „Можеби многу млади луѓе трошат премногу часови на празни работи. Нашиот живот се состои од време, а времето е дар Божји и тоа е важно да го користиме во добри и продуктивни дела, рече Светиот Отец.

Папата Фрањо како празни активности ги наведе „праќањето порака на интернет или преку паметните телефони, гледањето сапуница на ТВ и користењето на производите на технолошкиот напредок кој треба да го поедностави и да го подобри квалитетот на животот, но го одвраќаат вниманието од она што е навистина важно.“

Нагласи дека меѓу секојдневните задачи еден од приоритетите мора да ни биде да се сетиме на нашиот Создател, Кој ни дава живот, Кој нѐ љуби и Кој нѐ следи на нашиот пат.

„Од Бог сме го добиле дарот на слободата, бидејќи сме создадени според Негова слика. Но, ако таа слобода ја злоупотребиме, тоа може да нѐ оддели од Бог, можеме да го изгубиме достоинството со кое тој нѐ облече. Затоа ни се потребни насоки и правила, како во општеството, така и во Црквата за да ни помогнат да го правиме тоа што Бог од нас го бара и да живееме достоинствено како луѓе и деца Божји.

Драги момчиња и девојки, немојте да ја злоупотребите својата слобода! Ако го следите Исус и неговото Евангелие вашата слобода ќе цвета и ќе донесе многу добри плодови. Ќе ја пронајдете вистинската радост, бидејќи Он сака да бидеме потполно среќни и исполнети. Со самото препуштање на Божјата волја можеме да направиме добро и да бидеме светло во светот и сол на земјата, им порача на министрантите Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот