Папата ја посети Номаделфија

Папата ја посети Номаделфија

На 10 мај 2018 година, папата Фрањо беше во пасторална посета на заедницата Номаделфија, која во 1947 година во покраината Гросето во Тоскана ја основа дон Зено Салтини.

По пристигнувањето ходочастеше на гробот на основачот дон Салтини кој почина во 1981 година. Светиот Отец потоа се сретна со членовите на заедницата Номаделфија.

Пророчката реалност на заедницата Номаделфија

Во својот говор истакна дека таа заедница е пророчка реалност која настојува да оствари нова цивилизација, спроведувајќи го Евангелието како облик на добар и убав живот. Ги потсети на ликот на нивниот основач кој со апостолски жар го подготвувал тлото за семето на Евангелието за да донесе плодови за новиот живот и покрај тешкотиите во конкретноста на секојдневниот живот.

Законот на братството кој го карактеризира вашиот живот – продолжи папата Фрањо – беше сон и цел на целокупното постоење на дон Зено кој сакал заедница вдахната од моделот кој е опишан во Делата Апостолски. Таму пишува: „А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сè им беше заедничко“ (Дела 4, 32). Ве поттикнувам да го продолжете тој начин на живот, доверувајќи се на силата на Евангелието и Светиот Дух по патот на вашето јасно христијанско сведоштво – им рече Папата.

Децата и јазикот на љубовта

Соочен со страдањето на сираците или децата со тешкотии, дон Зено сфатил дела единствениот јазик кој тие го разбираат е јазикот на љубовта. Знаел да идентификува посебен облик на општество во кој нема место за изолација или за осаменост, туку на сила е правилото за соработка меѓу различните семејства каде членовите се признаваат за браќа и сестри во верата – рече Светиот Отец и продолжи: Така и во Номаделфија, одговарајќи на посебниот Господов повик, се воспоставуваат врски кои се поцврсти од роднинските.

Грижа за старите

Таа „посебна“ врска на сродство и близина – продолжи папата Фрањо – во Номаделфија исто така се покажува во човечките меѓуодноси, односно сѐ се нарекува со име никогаш со презиме, а во секојдневните односи се користи доверливото „ти“. Следниот аспект кој Папата го истакна е вниманието полно со љубов за старите луѓе: дури и кога не се со добро здравје, остануваат во семејствата и за нив се грижи целата заедница.

Сведоштво на животот вдахнато од Евангелието

Продолжете да одите по тој пат, овоплотувајќи го моделот на братската љубов исто така по пат на видливите дела и знаци во бројни контексти каде што ве повикува евангелската љубов, но притоа секогаш чувајќи го духот на дон Зено кој сакал Номаделфија да биде „лесна“ со неопходните структури – истакна папата Фрањо. Соочени со светот кој понекогаш е непријателски расположен кон идеалите кои Христос ги проповеда не се двоумете да одговорете со радосно и ведро сведоштво на својот живот кое е вдахнато од Евангелието – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот