Папата: Во време на промени, мора великодушно да се даруваме

Папата: Во време на промени, мора великодушно да се даруваме

Папата Лав XIV ги прими вработените во Италијанската бискупска конференција, порачувајќи им дека во време на „големи промени“ Господ нè повикува да не се затвораме во себе и да не се плашиме, туку великодушно да се даруваме.

Служењето, припадноста и мисијата се трите основни аспекти на службата во Црквата.

Тоа им го кажа папата Лав XIV на вработените во Италијанската бискупска конференција (CEI), кои ги прими на аудиенција во сабота, 2 мај 2026 година, заедно со нивните семејства. Присутни беа и претседателот и генералниот секретар на CEI, кардиналот Матео Зупи и надбискупот Џузепе Батури.

Зборувајќи пред околу 800 луѓе, Папата изрази благодарност за „деликатната посветеност“ што присутните секојдневно ја вложуваат. Тој ја нагласи важноста работата да се врши со грижа, трпение и посветеност, како и потребата да се негуваат средините во кои работат.

„Ова се едноставни работи“, рече Папата, „но корисни за доброто на сите, а пред Бога се големи. Во животот на Црквата ништо не е мало, ако се прави со вера, љубов и дух на заедништво.“

Активно учество

Службите на Италијанската бискупска конференција, продолжи папата Лав, не се само структури, туку инструменти што им помагаат на Црквите во Италија да останат во заедништво и да бидат вткаени во кохезивно црковно ткиво.

„Вашата служба“, рече Римскиот епископ, „е служба во служба на другите: работа што поддржува друга работа, посветеност што овозможува придонес од многумина, соработка што им помага на локалните Цркви да ја навестуваат Радосната вест, да чекорат заедно и да бидат живо присуство Господово во оваа земја и во светот.“

Во центарот на оваа служба, нагласи папата Лав XIV, не се поединци, канцеларии или програми, туку Господ, во Кого „секоја активност ја наоѓа својата смисла“.

„Служењето во Црквата не е само извршување функција“, истакна тој, „туку активно учество, како членови, во животот на телото чија глава е Господ.“

Папата ги повика присутните да го негуваат чувството на припадност: „Невестата Христова не може да се служи како гледач, туку само со љубовта на оние што знаат дека ѝ припаѓаат, во врска на вера и заедништво, што пред сè е дар на благодатта, дар од Бога.“

Време на големи промени

На крајот, папата Лав XIV се осврна на мисијата, која ја нарече „основна димензија на животот на Божјиот народ“, особено во време на големи преобразби.

„Живееме во време на големи промени“, рече Папата, „во семејството, училиштето, работата, комуникацијата, општественото учество, пренесувањето на верата, дури и во Италија.“

Црквата, нагласи Папата, „постои за да Го навестува Христос, да гради мостови, да создава односи, да нуди прифаќање и помош на секој што има потреба од поддршка, слушање и љубов“.

Затоа истакна дека „Господ нè повикува да не се затвораме во себе и да не се плашиме, туку великодушно да се даруваме, за Евангелието да допре и да ја просветли секоја жена и секој маж денес“.

Завршувајќи го своето обраќање, папата Лав XIV Италијанската бискупска конференција и локалните Цркви ги довери на застапништвото на светите Фрањо Асишки и Катерина Сиенска, заштитници на Италија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот