Папата Фрањо: Нека надвладеат преговорите и нека заврши оваа сурова војна во Украина

Папата Фрањо: Нека надвладеат преговорите и нека заврши оваа сурова војна во Украина

Папата во пладневното обраќање на 6 март 2022 година повторно апелираше за Украина, барајќи да се гарантира пристап до воените зони за да се обезбедат хуманитарни коридори. Тој им се заблагодари на сите кои се вклучени во приемот на бегалците и на новинарите кои се трудат да ја прераскажат суровоста на тој конфликт.

По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо повторно се осврна на војната во Украина и упати уште еден апел за мир, кој го пренесуваме во целост, во работен превод.

Драги браќа и сестри,

Во Украина течат реки од крв и солзи. Тоа не е само воена операција, туку војна која сее смрт, уништување и беда. Жртвите се зголемуваат, како и бегалците, особено мајките и децата. Во таа напатена земја потребата од хуманитарна помош расте од час во час.

Го упатувам мојот силен апел да се обезбедат вистински безбедни хуманитарни коридори и да се гарантира и олесни пристапот до помош во опколените области, за да можеме да обезбедиме животна помош на нашите браќа и сестри кои се угнетувани со бомби и страв.

Им благодариме на сите што примаат бегалци. Најмногу од сè, искрено се молам да престанат вооружените напади и да надвладеат преговорите и здравиот разум. И повторно да започне да се почитува меѓународното право! Сакам да им се заблагодарам и на новинарките и новинарите кои за да обезбедат информации, ги ставаат во опасност сопствените животи; Ви благодариме, браќа и сестри, за таа ваша служба! Таа служба ни овозможува да бидеме блиску до драмата на тој народ и ни овозможува да ја процениме суровоста на војната. Ви благодарам, браќа и сестри. Да се помолиме заедно за Украина; овде, напред, ги имаме нејзините знамиња. Да се помолиме заедно, како браќа, на Пресвета Богородица Царицата на Украина. Радувај се Маријо…

По молитвата Папата продолжи:

Светиот Престол е подготвен да направи сѐ, да се стави во служба на тој мир. Деновиве двајца кардинали отидоа во Украина да му служат на народот, да помогнат. Кардинал Крајевски, Апостолскиот милостинар, за да однесе помош на оние во потреба и кардинал Черни, времен раководител на Дикастерија за промовирање на целосен човечки развој. Тоа присуство на двајцата кардинали таму е присуство не само на Папата, туку и на целиот христијански народ кој сака да се приближи и да каже: „Војната е лудост! Престанете, ве молам! Погледнете ја суровоста!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот