Папата Фрањо се сретна со украинскиот премиер Денис Шмихал, кој потоа разговараше и со државниот секретар кардинал Паролин и монсињор Галагер, при што беа истакнати повеќе прашања поврзани со војната во Украина и напорите за враќање на мирот.
Личниот разговор со Папата се одржа во Апостолската библиотека и траеше околу половина час, од 9.20 до 9.50 часот. На прес-конференција украинскиот премиер Шмихал рече: „За време на средбата со папата во Ватикан, разговаравме за формулата за мир и можната помош на Неговата Светост и Ватикан за да се постигнат сите чекори од мировниот план на претседателот на Зеленски“, рече украинскиот премиер. Побарав и помош од Неговата Светост за враќање на Украинците и украинските деца кои се приведени, уапсени, насилно депортирани во Русија. Го поканив Светиот Отец да дојде и лично да ја посети нашата земја“.
Разговори во Државниот секретаријат
По разговорот со Папата, украинскиот премиер разговараше со државниот секретар кардинал Пиетро Паролин и секретарот за односи со држави и меѓународни организации монсињор Пол Ричард Галагер. „За време на срдечните разговори стана збор за различни теми кои се однесуваат на животот и активностите на Црквата во земјата, како и за различни прашања поврзани со војната во Украина, со особено внимание на хуманитарниот аспект и на напорите за враќање на мирот“, се наведува во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Размена на подароци
Папата Фрањо на премиерот му подари бронзен релјеф со цвет и натпис „Мирот е кревок цвет“, пораката за Светскиот ден на мирот во 2023 година, Документот за човечко братство потпишан во Абу Даби и неколку книги.
Од своја страна, украинскиот премиер му подари на Светиот Отец репродукција на керамички бокал со ликот на петел, кој остана неоштетен по бомбардирањето во близина на Киев, книга со фотографии за тековната војна и отпорот на украинскиот народ, и класови пченица од Украина, симбол на меѓународниот договор потпишан во јули 2022 година, кој овозможи безбедно поминување на бродовите што пренесуваат украинско жито преку Црното Море.
Ватикан њуз/к.мк