Префектот Руфини: Поврзаноста не е доволна за комуникација

Префектот Руфини: Поврзаноста не е доволна за комуникација

Префектот на Дикастеријата за комуникации, Паоло Руфини, во својот говор на светскиот конгрес на организацијата SIGNIS во Сеул, потсети дека единствениот начин да се одговори на предизвикот на технологијата е да не се смета за идол.

Постојат одредени работи кои технологијата никогаш не може да ги замени, вклучувајќи ја слободата, средбатаа, изненадување од неочекуваното, преобраќањето, изливот на креативноста, бесплатната љубов, нагласи Паоло Руфини, префект на ватиканската Дикастеријата за комуникации, говорејќи на Светскиот конгрес на католичката мрежа SIGNIS, меѓународна асоцијација на католички експерти во областа на комуникациите. Конгресот годинава е фокусиран на темата „Мир во дигиталниот свет“, а се одржува во главниот град на Јужна Кореја, Сеул до 19 август.

Хиперповрзан, а сепак осамен

Префектот на Дикастеријата за комуникации потсети дека технологијата, плод на човечката генијалност, сега овозможува реалности што беа незамисливи пред само неколку децении, како што се телеконференции, телемедицина, е-трговија.

Но, парадоксот на нашето време, посочи тој, е тоа што сме хипер-поврзани и во исто време осамени. Проблемот е токму тука: кога нема повеќе комуникација, туку само поврзаност, рече тој. Тогаш треба да се преиспитаме, да направиме лично и колективен испит на совеста.

На некои прашања, рече тој, се потребни одговори. Како е можно да се биде хипер-поврзан и ужасно сам во исто време? Што недостасува во нашата поврзаност што може да ја премости оваа осаменост и што е доволно силно да го издржи текот на времето?

Единствениот начин да се одговори на предизвикот на технологијата, рече Руфини, е да не се смета за идол. Но, и да не ја демонизираме. Да не веруваме дека таа има задача да го откупи човештвото, но и да не мислиме дека од тоа зависи пропаста.

Среќата не може да се купи

Паоло Руфини се потсети и на посетата на Папата на Јужна Кореја во 2014 година, кога одговори на една девојка за време на средбата со младите во храмот Солмое, нагласувајќи дека среќата не може да се купи. Кога и да купите среќа, рече во таа прилика папата Фрањо, набрзо сфаќате дека ја нема… Среќата што ја купувате не трае. Само љубовната среќа трае.

Консумеризмот, додаде Руфини, го заменува краткорочното задоволство за подлабока и потрајна среќа. „Знаеме дека не сме само потрошувачи, а уште помалку предмети што треба да се консумираат. Многу добро знаеме дека само односот – заснована на љубовта – може да нѐ направи помалку осамени, може да трае и да нѐ направи среќни.

А љубовта, истакна префектот на Дикастеријата за комуникации, се заснова на таа најголема кревкост, а тоа е потребата за љубов; да сакаш и да бидеш сакан; да се дава и да се даруваш. Тука е коренот на целата комуникација. Ете ги причините зошто само поврзувањето не е доволно.

Социјалните мрежи

Паоло Руфини во своето обраќање се задржа и на социјалните мрежи. Како што напиша папата Фрањо во својата порака за 53. Ден на социјалните комуникации, овие мрежи не се автоматски синоним за заедницата: премногу често нивниот идентитет се заснова на спротивставување на другиот, на личноста надвор од групата.

Многу често, рече тој, се дефинираме врз основа на она што нè дели, а не на она што нѐ соединува. Тоа раѓа сомнеж и изразување на секакви предрасуди. А она што треба да биде прозорец кон светот, станува витрина за прикажување на личниот нарцизам.

Нов хуманизам

Предизвикот на доброто новинарство, што е предизвик и на SIGNIS, рече Руфини, е да се најдат нови начини за нова комуникација, да се вклучат жанрови и јазици кои се фокусираат на дијалог, а не на маркетинг идеи; на интелигенцијата како морална категорија, а не како фанатичниот морализам на толпата.

Тој потсети како папата Фрањо ја охрабри креативноста пред неколку недели во Квебек, способна „да допре до луѓето каде што живеат, да најде можности за слушање, дијалог и средба. Мора да се вратиме на едноставноста и ентузијазмот на Делата на светите апостоли“.

Апелирајќи до сите католички комуникатори, католички новинари и сите мажи и жени со добра волја, ангажирани „на тешкото и големо поле на комуникација“, ватиканскиот префектот рече: Можеме да бидеме протагонисти на новиот хуманизам, отелотворени во активни и партиципативни заедници. Можеме да исткаеме нова идеја за граѓанство.

Светски конгрес на SIGNIS

Светскиот конгрес на SIGNIS оваа година посебно е ориентиран кон состаноци во живо и виртуелни конференции за користење на медиумите, вклучително и социјалните мрежи.

„Употребата на дигиталните медиуми, особено социјалните мрежи“, се вели во пораката што папата Фрањо ја испрати до SIGNIS пред конгресот, покрена голем број сериозни етички прашања кои бараат мудро и проникливо расудување од комуникаторите и сите засегнати, со автентичност и квалитетни човечки односи. Понекогаш и на некои места медиумските сајтови станаа места на токсичност, говор на омраза и лажни вести. Во соочувањето со овој предизвик, SIGNIS може да одигра важна улога преку медиумско образование, вмрежување на католичките медиуми и спротивставување на лагите и дезинформациите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан

За авторот